„Жените во Саудиска Арабија ја сакаат модата. Тие ја чувствуваат модата. Тие создаваат соништа.“, вели дизајнерот Антонио Грималди, на чија иницијатива на Париската модна недела, овој месец, беше претставен пред светот првиот супермодел од Блискиот Исток, 17-годишната Талида Тамер.

Не можеме да кажеме дека модната индустрија го заобиколува Блискиот Исток. Жените од оваа земја, според уредникот на Harper’s Bazaar Arabia, „се во првите редови на добро облечени жени во светот под нивните абаји.“ Во Саудиска Арабија, постојат модни списанија, во март 2018 година, тука се одржа првата недела на високата мода. Но, пред Талида Тамер, ниту еден модел од оваа земја досега не учествувал во главните модни ревии на светот.

Талида Тамер е родена и израсната во пристанишниот град Џеда. Нејзиното семејство имало во голема мера влијание на нејзината кариера: либерален татко (шеф на фармацевтска компанија), а особено нејзината мајка.

Италијанката Кристина Тамер работела како модел во Њујорк, Токио и Мајами пред нејзиниот брак со Ајман Тамер од Саудиска Арабија. Таа соработувала со Џорџо Армани, Џанфранко Фере и Ла Перла. „Гледав многу убави фотографии од мојата мајка, кога бев дете и си мислев ‘Тоа сакам да го работам. И јас сакам исти такви убави фотографии’“, вели Талида.

Благодарение на поддршката на родителите пред прикажувањето на колекцијата од Антонио Грималди, Талида веќе успеала да учествува во помали фотосесии од различни фотографи.

Антонио Грималди се запознал со семејството на Талида Тамер пред околу 7 години за време на едно од неговите бизнис патувања во Саудиска Арабија.

Самата Талида се надева дека ова е само почеток и нејзиниот пример ќе ги инспирира другите девојки од Саудиска Арабија.

„Кога ја започнав мојата кариера, не мислев дека ќе станам првиот модел на Саудиска Арабија, но се чини дека ова е најдобро време за индустријата да стане поотворена“. Во исто време, Талида, сфаќа дека живее во конзервативна земја и многумина можат да ја осудат за нејзиниот избор.

Сега девојката си поставува многу цели, а некои од нив се доста специфични и амбициозни:

  • Да биде на насловната страна на Vogue
  • Да соработува со Армани
  • Да работи со фотографот Стивен Мејсел
  • Да ги посети и да работи во земјите Бора Бора, Индија, Хрватска и Јапонија;
  • Да се пресели во Милано и паралелно со кариерата на модел да се стекне со образование во маркетинг;
  • И, конечно, да добие возачка дозвола во родниот град Џеда.

Сподели на Facebook
пати видено