Цикада 3301 е најмистериозната интернет-организација во историјата на онлајн мистериите. Од 2012 година, групата испрати бројни загатки онлајн, но во ниту еден момент не објавија кои се, со што се занимаваат и од каде се. Оние кои биле доволни интелигентни и имале доволно трпение да ги решат загатките биле однесени по чудни патишта, кои од онлајн светот ги однеле во реалноста.
Приказната за Цикада 3301 започанала на 4-ти јануари 2012 година, кога мистериозна слика се појавила на 4chan, веб-страна каде што корисниците можат анонимно да објавуваат фотографии.
На сликата пишувало: „Здраво. Ние бараме високоинтелигентни поединци. За да ги пронајдеме, измисливме тест. Има скриена порака на оваа слика. Пронајдете ја и таа ќе ве однесе до патот да не пронајдете нас. Со нетрпение очекуваме да се сретнеме со неколкумината што ќе го поминат целиот пат. Среќно. 3301“. Не е претерување дека групата барала многу интелигентни поединци. Првите неколку загатки биле обичен тест за она што требало да следи. Основно познавање на криптографијата едноставно не било доволно.
Многу луѓе верувале дека на овој начин тајните служби како КГБ, ЦИА, МИ6, регрутираат луѓе, или пак се работи за некое тајно друштво или формирање на ново. Но, исто така Цикада 3301 била поврзувана со појавата на криптовалутите.
Џон Ериксон е еден од луѓето кои скоро ги решиле загатките кои ги поставила Цикада 3301. Тој сфатил дека одговорите не лежат само во дигиталниот, туку и во реалниот свет. Почнувајќи од гласновна порака која му била оставена од телефон во Тексас, која гласела: „Одлично. Добро напредуваш. Постојат три прости броеви кои се поврзани со оригиналната слика final.jpeg 3301 се едни од тие броеви. Ќе мораш да ги најдеш другите два. Сите три помножи ги и додај .com. Така ќе го пронајдеш следниот чекор. Среќно.“ Џон успеал да го пронајде овој број така што ја решил првата загатка со помош на криптографија.
Кога ги пронашол и броевите и дошол до веб-страна на која имало слика од цикада (инсект сличен на скакулецот и го има на сите континенти, но нова генерација се појавува на секои 17 години), под сликата имало тајмер според кој истекувало времето за кое тој требал повторно да се врати на страната.
Кога повторно се вратил на страната имало шифри кои потсетувале на координати. Координатите воделе до телефонски столбови во Шпанија, Русија, Америка, Франција, Јапонија и Полска. Џон ги испратил луѓето кои ги познавал од тие држави и тие му пратиле постери со слика од цикада и код. Така тој дошол до адреса на Тор мрежата, која се користи за „Дарк веб“. Но, тука завршила неговата авантура, бидејќи Цикада 3301 била многу разочарана затоа што луѓето групно ги решавале загатките, а не поединечно. Сепак неколку луѓе успеале да дојдат до самиот крај.
Се верува дека главната цел на Цикада била да се создаде софтвер кој ќе ги заштити исвиркувачите, откако биле инспирирани од Челзи Менинг, аналитичар за воена разузнавачка служба, која на Викиликс открила речиси 750.000 воени и дипломатски документи.
Цикада се вратила во 2016 година објавувајќи нова слика на која пишувало: „Здраво. Патот е празен. Остварувањето бара посветени. Либер Примус е начинот. Нејзините зборови се мапата, нивното значење е патот и нивните броеви се правец. Барајте и ќе пронајдете. Среќно. 3301. Внимавајте на лажни патишта.“
Либер Примус е всушност книга напишана од страна на Цикада, која во превод од латински значи „Прва книга“. Луѓето сметаат дека сѐ додека не се дешифрира книгата, Цикада нема да продолжи со загатките.
Цикада се поврзува и со криптовалутите. Оваа шпекулација се појавила откако биле откриени пораките испратени на е-маил на луѓето кои ги решиле загатките. Во него стоело дека тие не се хакерска група или култ и им поставиле неколку прашања. Едно од прашањата било: „Дали сите поединци имаат право на анонимност и право да користат анонимен софтвер, кој би помогнал во анонимност на пренесување на парични трансакции?“ , исто така имало прашања од типот „Дали сметате дека информациите треба да се бесплатни?“, „Дали верувате дека цензурата му штети на човечкиот род?“.
Периодот на Цикада се совпаѓа со Биткоин и Викиликс. Откако анонимниот креатор на Биткоин Сатоши Накамото се повлекува во 2011 година, Цикада се појавува во 2012 и шири пропаганда за „анонимност во пренесување на парични средства и ограничена контрола на владата.“ Се верува дека Цикада се наследници на Сатоши.
Што се однесува на Викиликс, Цикада во 2017 година објавила тајмер кој одбројувал и на кој пишувало „7 е света“. Со оглед на тоа што инсектите цикада се појавиле на површината во 2000 година, се очекувало повторно да го направат тоа во 2017 година.
Токму на 7 март 2017 година бил објавен „Трезор 7“ од страна на Викиликс. А откако „Трезор 7“ бил објавен повеќе не пишувало „7 е света“ туку „7 пристигна“. Тоа доведува до прашањето: „Дали Цикада знаела за Трезор 7 пред Викиликс?“ или пак тие се поврзани на некој друг начин.
Од сето ова можеме да кажеме дека Цикада 3301 привлече многу внимание на пошироката јавност, разви повеќе теории на заговор, а сепак остана мистерија која никој сѐ уште не може да ја реши.
Отсекогаш ве мачеле големите прашања? Верувате дека светот не е толку едноставен и дека постојат и работи кои не ги гледаме? На вистинското место сте. Посетете го каналот Мистерии и урбани легенди.