Таканареченото „медицинско чудо“ се случува многу ретко. На почетокот од 20. век, чудниот случај на ненадеен растеж на Адам Рајнер ги запрепастил лекарите. Рајнер е единствениот случај во историјата при кој човек од џуџе се претворил во џин.
Рајнер се родил во 1899г. во Грац, Австрија. Бил нормално и здраво дете, но и покрај тоа што и двата негови родители биле со нормална висина, тој не се развил како што треба и кога избила Првата светска војна бил висок само 1.37 метри. Регрутерите му кажале дека е премногу низок и преслаб за да служи во армијата.
Додека да наполни 21 година, Рајнер пораснал за десет сантиметри, по десет години неговата височина изнесувала 2.16 метри. Во тој период почнал да развива сериозно искривување на `рбетот.
Растежот на Рајнер ја изненадил медицинската заедница. Докторите го испитале за да откријат во што лежи причината за ваквата промена, при што било заклучено дека се работи за тумор на хипофизата што довело до прекумерно лачење на хормони за раст.
Во обид да го излекуваат, тој бил опериран со цел да се отстрани туморот. Успехот бил делумен, при што неговиот растеж бил забавен, но не и спречен.
Рајнер продолжил да расте до крајот на неговиот живот, но бил обременет со бројни здравствени проблеми. На крајот искривеноста на неговиот `рбет била толку лоша, што останал прикован за леглото. Покрај тоа останал слеп на десното око, а му ослабнал и слухот на левото уво.
Рајнер починал на 51 година, и во тој момент бил висок 2.38 метри.