Постои фотографија од 1874 година, на која позира девојче со видливи повреди и модринки по целото нејзино тело. Дури и 144 години подоцна оваа слика предизвикува ужасно чувство кај секој кој ќе ја види. На фотографијата е Мери Елен Вилсон, дете жртва на семејно насилство.
Кога нејзиниот случај ќе биде проучен и ќе го привлече вниманието на јавноста, социјалните служби ќе бидат приморани поинаку да гледаат на овој проблем.
Иако девојчето не изгледа како да има повеќе од 5 години, Мери Елен има 10 години. Таа била изгладнувана и постојано физички малтретирана. Мери Елен е родена во семејството на Томас и Фани Вилсон во Њујорк во 1864 година. Кратко по нејзиното раѓање нејзиниот татко починал во битка за време на Граѓанската војна. По неговата смрт семејството почнало да се соочува со огромни финансиски тешкотии.
Нејзината мајка работела деноноќно за да го прехрани семејството, но кога добила отказ морала да ја прати Мери во сиропиталиште. Таа била посвоена на 2-годишна вораст од човек по име Томас Макормак, но за жал и тој набрзо умира и девојчето останува со неговата сопруга, Мери Макормак.
Жената го мразела девојчето и уште од мало почнала да го малтретира. По смртта на нејзиниот сопруг, повторно се омажила, но сѐ уште живеела со малата Мери. Девојчето било неухрането, со часови седело затворено во темни плакари, не можело да излезе, па дури и да го покаже своето лице на прозорецот – и така секој ден во рок од седум години.
Денес се прашуваме како таквото малтретирање можело да трае толку долго, но тогаш времето било поинакво. Прво, родителите или посвоителите верувале дека имаат целосни права за тоа како го третираат своето дете. Властите и социјалните служби ретко се мешале во семејните односи, а родителите како Мери Макормак ретко биле заплашувани.
Вресоците на Мери стигнале до ушите на соседите, но било потребно многу време пред некој да одлучи да го посети семејниот дом, да го види девојчето и да сфати дека е во голема опасност и му е потребна сериозна помош.
Една жена по име Ета Ангел Вилер со инсистирање успеала да влезе во домот на Макормак и ја видела 10-годишната Мери, како во летно фустанче мие садови во студениот декемвриски ден. Босото девојче имало гребнатинки, изгореници и модринки по телото, а Ета од куќата заминала со желба да направи нешто за да го спаси девојчето.
На Ета ѝ биле потребни 3 месеци за да го спаси девојчето. Таа добила помош од г-дин Хенри Берг, кој во тоа време работел за Американското друштво за спречување на суровоста кон животните. Мери Елен била нов и сосема поинаков случај.
Ета и Хенри успеале да соберат сведоштва од соседите кои споделиле дека честопати слушнале врескање, детски плач и бучава што звучела како тепање. По сослушувањата, Мари Макормак била прогласена за виновна, и благодарение на понатамошното сведочење на малтретираната девојка, Њујоршкото здружение за спречување суровост кон децата било формирано во 1875 година.
Иако случајот на Мери не е првиот во историјата, тој е првиот случај кој го насочува вниманието на јавноста кон овој проблем и му ги „отвара очите“ на општеството. Потоа следеле законски измени поврзани со проблемот.
Самата Мери се опоравува од траумите. На 24 години се омажила за Луис Шут, со кој имала две деца, а исто така се грижела за три деца од неговиот претходен брак, како и за едно посвоено дете. Починала на 92 години.
Отсекогаш ве мачеле големите прашања? Верувате дека светот не е толку едноставен и дека постојат и работи кои не ги гледаме? На вистинското место сте. Посетете го каналот Мистерии и урбани легенди.