Скопје, 05.07.2018–Оваа година судбоносното „Да“ во живописниот Галичник ќе го кажат невестата Тања Лепческа,која е по потекло од Галичник, и младоженецотЗлатко Димовски. Тие ќе бидат главните протагонисти во рамки на годинешното 45-то издание на автентичнатакултурно-сценска манифестација „Галичка свадба“ која ќе се одржи од 13-ти (петок) до 15-ти јули (недела) во истоименотосело на планината Бистра.

И оваа година неколку илјади посетители од земјава и странство одново ќе бидат сведоци на над 30 оригинални свадбени обичаи и ритуали, проследени со традиционални народни носии, песни и ора кои пленат со својата автентичност, убавина и културна вредност.

– Горди сме што Галичка свадба од Агенцијата за подршка на туризмот беше прогласена за најуспешна туристичка манифестација за минатата година, а од „Њујорк Тајмс“ и „Нешeнал Геoграфик“ за најтрадиционален свадбен фестивал во Европа. Овие признанија се само уште една причина Галичка свадба да продолжи да го негува македонското културно богатство и да биде негов промотор во целиот свет – вели Александар Костиќ, претседател на Месната Заедница „Галичник“ која е организатор на манифестацијата.

Покрај останатите гости, на годинешната Галичка свадба ќе присуствува ипретседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во својство на покровител на манифестацијата, заедно со неколку други членови на Владата.
-Оваа манифестација игра огромна улога во зачувувањето и афирмацијата на оригиналниот фолклор, традиционалните вредности, архитектурата и на народното творештво, како темели на нашиот културен и национален идентитет.

Дополнително, „Галичка свадба“ претставува и своевиден македонски туристички бренд. Заради ваквото огромно значење, Владата и понатаму останува силен промотор и поддржувач на оваа и останатите слични манифестации во нашата земја -изјави Роберт Поповски, министер во Владата на Р. Македонија.

Големо значење за одржување на неопходното ниво и континуитет на оваа значајна манифестација секако има и поддршката што ја обезбедуваат голем број нејзини партнери и помагатели. Еден од тие долгогодишни партнери, кој како и изминатите години, така и годинава обезбеди финансиска поддршка и пијалаци за учесниците на „Галичка свадба“, е Пивара Скопје.

– Веќе 94 години традицијата е длабоко вградена во компаниска култура на Пивара Скопје. Затоа сосема е природно што сме дел од оваа манифестација која е огледало на традицијата и културно богатство на Македонија. Дополнително, свадбата е симбол за среќа, заедништво и пријателство што се вредности со кои се поврзуваат нашите брендови.Затоа тие се неизоставен дел од секоја веселба, вкучувајќи ја и најпознатата македонска свадба – истакна Ламбро Патче, менаџер за односи со јавност и комуникации во Пивара Скопје.

Инаку, традиционално, почетокот на „Галичката свадба“ се означува во сабота со поставување на свадбарското знаме, како и симболичниот чин на „фрлање“ три пушки од куќата на зетот. Венчавањето на младенците ќе се изврши во недела во храмот „Св. Апостол Петар и Павле“ во селото, а него ќе го направат монасите од Бигорскиот манастир и монахињите од манастирот во Рајчица. Свадбената свеченост ќе заврши со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.

Како и секоја година, со одржувањето на манифестацијата „Галичка свадба“, всушност почнува „Галичкото културно лето“ кое ќе биде официјално отворено во петок, 13-ти јули во 22 часот, на платото пред чешмата Упија, со настапот на Влатко Стефановски и оперската певица Весна Ѓиновска Илкова, музичките групи „Тоа е Тоа“ и „Бенд Офф“.

Во програмата за годинешната „Галичка свадба“ предвидени се и голем број дополнителни забавни и музички содржини, прилагодени за сите генерации посетители. За првпат оваа година од сите локации каде се одржува манифестацијата ќе се емитува „лајв стрим“, односно пренос „во живо“, што ќе може да се следи на LED дисплеј кој ќе биде поставен на платото пред чешмата Упија, како и преку интернет, на социјалните мрежи.

Карактеристично за оваа година е и тоа што после подолг временски период, во рамки на манифестацијата, се враќаат и традиционалните Галички овчарски средби, како нераскинлив дел од културата на живеење и традицијата во овој крај.
Организатор на „Галичка свадба“ и останатите настани во рамки на „Галичкото културно лето“ е месната заедница на селото Галичник, која и оваа година се погрижи сите посетители да имаат можност да уживаат во убавината и да ја почувствуваат автентичноста на настанот. Во таа насока е и апелот до сите посетители да го почитуваат специјалниот сообраќаен режим кој ќе биде воспоставен во деновите на одржување на манифестацијата, особено во недела, кога сите посетители своите возила ќе мора да ги остават на местото „Селска ливада“, на еден километар пред Галичник, од каде ќе биде огранизиран превоз со минибус до влезот на селото. Кон ова се приклучи и претставникот на Пивара Скопје кој апелираше до сите посетители да консумираат алкохол одговорно, да возат безбедно и да се грижат максимално за одржување на чистата природа во Галичник и неговата околина.

Подржувачи и партнери на годинешната манифестација „Галичка свадба“ се: Министерството за култура, Пивара Скопје, Комерцијална Банка АД Скопје, Стопанска банка АД Скопје, ЕВН Македонија, Маја – ниско минерална природна вода, Општина Маврово и Ростуше, Национален парк Маврово, Мепсо, ЕЛЕМ, Винарска визба „Тиквеш“, Фонд за иновации и технолошки развој, скопските општини Ѓорче Петров, Центар, Аеродром и Кисела вода, ЈСП Скопје, ЈПКД Маврово, Клиника Жан Митрев, Славеј АД Скопје, Спортлајф, Дигитал Центар, Поко М, Мобилен санитарен сервис, Грос Комерц, Солар спектар, Техноарт и Пакомак.

Сподели на Facebook
пати видено