Околу 2 километри од брегот на Мадагаскар, во заливот Антонгил, се наоѓа мал, ненаселен, тропски остров наречен Носи Мангабе. Островот е покриен со густа шума и таму не постојат постојани населби. Но, во 16-тиот и 17-тиот век, холандските бродови на патот кон далечниот исток, околу ‘ртот на Добрата Надеж , често застанувале на островот да ги надополнат своите резерви на свежа вода, да го поправат оштетениот брод или да закрепнат од болест.
Носи Мангабе има многу свежа вода од дождови што паѓаат на островот практично цела година. Повеќе од 400 центиметри дожд паѓа на овој остров од 520 хектари за една година. Додека ги надополнувале резервите морнарите лутале низ островот и се потпишувале на околните камења и карпи. Некои го пишувале името на бродот, неговиот капетан, нивниот датум на пристигнување и заминување.
Со текот на времето, генијален систем на пораки почнал да се развива. Морнарите почнале да ги оставаат пораките, или понекогаш, писмата внимателно завиткани во платно и премачкани со катран, кои потоа ги ставале под камењата.
Целта била следниот холандски брод што ќе се закотви на островот ќе ги собере писмата или да ја прочита пораката и ќе ја пренесе на наменетиот примач.
Во раните 1920-ти, француски колонијален асоцијативен инспектор за водите и шумите, открил околу десетина вакви т.н. „поштенски карпи“ и успеал да ги прочита. Во 2012 година, тим од истражувачи предводен од поморски археолог, Венди ван Дуевенвурде, од Универзитетот Флиндерс во Австралија, пронашла повеќе.
Таа и нејзиниот тим пронашле околу 40 натписи, оставени од офицери и морнари од најмалку 13 различни бродови од источна Индија, кои отпловиле помеѓу 1601 и 1657 година. Натписите биле врежани на неколку големи карпи, како и на големата карпа на плажата која сѐ уште го носи името “Plage des Hollandais”, што значи „Плажа на Холанѓаните“.
Некои од овие натписи раскажуваат неверојатни приказни. Еден натпис открива дека бродот Мидлбург стигнал до островот во 1625 година, откако го изгубил својот јарбол и пловел по циклонот. Тој бил закотвен таму добри седум месеци додека да го поправат.
До крајот на 1600-тите, Холанѓаните го напуштиле системот на поштенски карпи, бидејќи откриле дека пораките не секогаш одат во вистинските раце. Сè почесто, екипажите од ривалските компании почнале да ги крадат писма од карпите и да ги користат информациите за да ги следат активностите на своите конкуренти. Затоа, холандските бродови почнале да вработуваат локални жители за да им ги чуваат писмата.