Никогаш не би помислиле дека мачка би можела да „продава“ риба. Но, еден симпатичен мачор од Виетнам стана ѕвезда на социјалните мрежи откако го фотографирале како го чува штандот за морска храна додека носи костим во империјален стил на пазарот.
За да бидат работите уште почудни мачорот се вика Chó, што значи „куче“ на виетнамски. Мачето го добило ова име затоа што според сопственикот карактерот на мачорот наликува на кучешкиот. Чо живее во градот Хаи Фонг во северен Виетнам и има нешто повеќе од три години. Соред неговиот сопственик, 25-годишниот Ли Куок Понг, животното не е срамежливо и ужива да позира пред камерата уште како мало маче.
Ли кој работи во индустријата за домашни миленици вели дека мачорот сака да носи костими и дека јаде сладолед и сирење. Очигледно, Чо, исто така, сака да патува со својот сопственик и тоа го прават прилично често. Ли му купил на Чо околу 30 парчиња облека и различни мали очила.
Ли го однел мачорот на пазарот со морска храна откако бил поканет од продавачката. Тој вели дека продавачката многу го сакала Чо и сакала да се фотографира со него. Кога фотографиите се појавиле на социјалните мрежи, мачорот добил инстант слава.
Очигледно Чо е многу популарен кај мачките во неговото соседство. Неговиот сопственик вели: „Тој е многу страстен и има многу девојки. Сега има 200 мачиња.“ Ли вели дека го фотографира мачорот во различна облека затоа што сакал да прави смешни фотографии и да им покаже на луѓето кои не сакаат мачки, колку всушност мачките можат да бидат слатки.