87-годишниот дедо и ветеран се расплакал кога ја славел добивката од 20 милиони евра, која конечно дошла во негови раце откако со години им кажувал на ќерките дека е само прашање на време кога ќе го освојат џекпотот. Денис и неговата 83-годишна сопруга Ширли Банфилд станаа најстарите добитници на лотарија, кога конечно ја погодиле низата од 6 цифри, откако 30 години, три пати неделно играле лото.
Електричарот, кој исто така служел во британската армија, открил дека само неколку месеци пред да им се промени животот неговата сопруга го молела да престане да купува ливчиња бидејќи „никогаш не добиле ништо.“
Но, упорниот Денис продолжил да купува ливчиња неколку пати неделно, па дури и ја убедил сопругата да купува наместо него кога тој бил на операција на коленото, овој Божиќ.
Денис, кој се расплакал за време на прес-конференцијата изјавил дека играл лото за да ги направи неговите ќерки Тина и Карен „засекогаш финансиски обезбедени“.
Старецот го проверувал добитното ливче и кога неговата сопруга, со која е во брак 60 години, го прашала, кој ли ги има тие броеви, тој одговорил „јас ги имам“. За време на ручекот кога им откриле на ќерките и внуците за добивката, една од неговите внуки му кажала „Дедо не е 1 април!“.
Парот планира да ги подели парите на три дела, односно еден дел за нив и по еден за секоја од ќерките. Денис вели дека не чувствуваат желба да се преселат од старата куќа во која живеат половина век, но би сакале да имаат шофер и автомобил, затоа што Денис не може да се движи со неговото болно колено.