Исланд стана првата земја во светот која ја спроведува еднаквата плата меѓу мажите и жените. Легислативата, која стапи на сила на 1 јануари 2018 година, значи дека поголемите фирми ќе мора да докажат дека нивниот машки персонал не е платен повеќе од нивните вработени жени, или да се соочат со парични казни.
Компаниите со 25 вработени и повеќе се должни да добијат владина потврда за нивните политики за еднакви плати или да се соочат со „шлаканица“ од финансиски казни. „Тие добиваат потврда откако ќе го потврдат процесот ако плаќаат еднакво на мажите и жените“, рече Дагни Оск Арадотир Пинд, член на одборот на Исландската асоцијација за женски права.
„Тоа е механизам за да се осигураме дека жените и мажите се платени подеднакво. Ние имаме законодавство кое вели дека платите треба да бидат еднакви за мажите и жените со децении, но сé уште имаме јаз во платите“, вели Дагни.
Исланд е дом на околу 323.000 луѓе и има силна економија базирана на туризам и рибарство. Таа е рангирана од страна на Светскиот економски форум (СЕФ) како земја со најголемо ниво на родова еднаквост во светот. Предлог-законот бил поддржан од централно-десничарската администрација на Исланд, како и нејзината опозиција, во парламентот составен од скоро 50% пратенички.
„Мислам дека сега луѓето почнуваат да сфаќаат дека ова е систематски проблем со кој што треба да се справиме со нови методи“, рече Арадотир Пинд. Исландската влада издвои планови за целосно искоренување на јазот во платите до 2020 година.