Врз изборот на факултетот кој студентите го избираат не влијае само желбата и љубовта кон работата, туку и финансиските бенефиции од самата професија. Популарноста на факултетите е различна во сите земји низ Европа. Овие неколку мапи даваат и сликовит приказ за тоа што преферираат студентите како високо образование во различни Европски држави. Во Македонија студентите најчесто избираат да студираат бизнис, информатика, математика и економија.
Бизнис и и општествените науки се популарни насекаде, поточно во Македонија 36,3% од студентите студираат на било кој отсек поврзан со бизнис студиите. Сепак „лидер“ во оваа категорија е Турција, во која дури 54,7% од студентите се одлучуваат за овој отсек.
Што се однесува до информатиката во Македонија 12,1% од студентите се одлучиле да станат информатичари. Тоа е прилично висока стапка, ако се земе во предвид дека најголемата е 14,4% и тоа во соседна Грција.
Во нашата држава, според статистиките 11,3% од студентите сакаат да станат идни инженери. Што е солидно според нашите капацитети, но е помалку од државите во регионот. Финска има најголем процент на идни инженери со 23,9%.
Во областа на здравството, 10,3% од студентите во Македонија студираат за да станат здравствени работници, а воедно според статистиките има најмногу студенти од оваа област, во регионот.
За жал Земјоделскиот факултет и Факултетот за ветеринарна медицина не се многу популарни помеѓу студентите во Македонија, а истото важи и за Европа. Само 2,7% од студентите се одлучуваат за некој од овие факултети, а најмногу идни земјоделски инженери и ветеринари има во соседна Грција, со 4,7%.
Сите млади имаат право на свој избор на идна професија. Изборот на факултетот не треба да зависи само од финансиските придобивки, туку исто така младите треба да ја пратат својата страст, затоа што само на тој начин ќе можеме да креираме квалитетни кадри, кои освен труд, ќе вложуваат и љубов во работата.