На  Земјата има околу 101 милијарда мртви луѓе, а повеќе од 7 милијарди ќе им се придружат во следниот век. Како што расте бројот на починати лица, така се намалува и бројот на слободни гробни места. Многу европски земји со векови повторно ги употребуваат гробовите.

На Старите еврејски гробишта во Прага, кога нема доволно простор, се поставува нов слој на почва над постоечките гробови за да се направи простор за нови тела. Кога последниот погреб се одржал таму во 1787 година, веќе имало дванаесет слоеви на гробови наредени еден врз друг.

Во Норвешка, наместо да натрупуваат мртви тела во слоеви, старите гробови се откопуваат на секои две децении, за кои властите се надеваат дека е доволно време за телата да се распаднат. Некои гробишта дури и ги ставаат ковчезите со раствор од варовник за забрзување на распаѓањето. Норвешка не е сама во ова. Англија исто така има недостаток од површини за гробишта. До 2050 година на светот ќе му биде потребна површина од 6.500 квадратни километри, што е повеќе од пет пати поголема од Њујорк. Многу земји гледаат кон небото како решение за нивниот проблем, а не кон земјата.

Во моментов Азија е водечки тренд во вертикалните гробишта. Во многу азиски култури, веќе постои традиција на погребување на мртвите во повеќекатните пагоди. Ова може да влијаело врз дизајнот на високите пагоди како гробишта во Таинан, Тајван, Lung Yen Life Service. Во Хонг Конг, гробиштата често се изградени на падини на ридови за да заштедат простор. Во Јапонија, еден бизнисмен дури отворил хотел за мртвите каде што ужалените семејства можат привремено да ги задржат мртвите тела додека чекаат на ред за во презафатените крематориуми на градот.

Вистински вертикални гробишта се во Меморијалната Некропола Екуменика во Сантос, Бразил. Таа има 32 ката и има простор за сместување на 25.000 починати лица. Кога била изградена во 1983 година, таа била само мала зграда, но побарувачката за надземни „гробови со поглед“ била толку голема што продолжиле да додаваат дополнителни катови доека не настанале највисоките гробишта во светот. Секој кат содржи 150 гробници опремени со софистициран систем за вентилација и можат да се сместат до шест тела. Откако ќе се распадне телото, што обично трае околу три години, семејството на починатиот може да го ексхумира или пренесе тело во костурницата на зградата.

Освен гробници зградата има соби за оплакување, мавзолеи, капела и ресторан. Зградата е опкружена со прекрасни градини, шума, лагуна и водопад.

Тел Авив, исто така, гради нови високи гробишта, со капацитет за 250.000 гробни места. За да не ги навредат Евреите поставиле и цевки во кои има земја, така што секој слој се уште е поврзан со земјата. Во моментов во тек е изградба на уште едни вертикални гробишта во Мумбај. Овој футуристички објект, наречен „Мокша кулата“ кога ќе се изгради ќе го добие епитетот „највисоките гробишта во светот“. Кулата Мокша ќе обезбеди објекти за кремирање и погребување, како и кула на тишина за Парси лоцирана на покривот на кулата.

Дури и со дополнителниот простор што го нудат вертикалните гробишта, дизајнерите на кулата тврдат дека телата ќе останат таму само 5-10 години, истакнувајќи дека „густината на Мумбај остава малку простор за живите, а камоли за мртвите“.

 

Сподели на Facebook
пати видено