Луѓето од Мадагаскар имаат ритуал посветен не само на смртта туку и на мртвите тела. За време на сувите зимски месеци се практикува ритуалот наречен „Фамадихана“, познат како „вртење на коските“ или „танц со мртвите“. Ритуалот се одвива во повеќе градови и села за да им се оддаде почит на починатите.
Меѓутоа, античката традиција сега може да ги стави граѓаните во ризик, бидејќи смртоносна чума се шири низ земјата и веќе е одговорна за 124 смртни случаи и над 1.200 случаи на заболени.
„Ако некој почине од пневмонична чума и потоа се погреба во гробница која подоцна е отворена за фамадихана, бактериите се уште можат да се пренесат и да го контаминираат оној кој ќе дојде во контакт со телото.“, изјавил Вили Рандриамаротија, шеф на кабинетот во Министерството за здравство на Мадагаскар.
Еднаш на секои две до седум години, секое семејство има огромна прослава во нивната семејна гробница каде што се ексхумираат остатоците од мртвите, завиткани во свила, се прскаат со вино или парфем и се изнесуваат од гробницата за свечености во заедницата. Во Малагаси културата во Мадагаскар од големо значење е овој празник затоа што претставува одржување на врска со предците, кои сѐ уште играат многу реална улога во секојдневниот живот. На забавите луѓето ги облекуваат мртвите тела и потоа слават со музика, танц и многу храна. Дури постои верување дека жените кои не можат да забременат треба да стават парче од старата облека на предците под перницата или да го изедат.
За да се намали можноста за ширење на чумата властите налагаат жртвите кои починале од чума да бидат погребани во анонимни запечатени гробници, но многумина не сакаат да го напуштат овој ритуал и продолжуваат да го практикуваат. Чумата е високо заразна болест предизвикана од бактеријата Yersinia pestis и е ендемична на Мадагаскар. Случаите обично се појавуваат секоја година како сезонски пораст за време на дождовната сезона помеѓу септември и април. Последната појава започнала во август 2017 година со смртта на 31-годишен маж од пневмонична чума, кој патувал во преполн минибус кон главниот град Антананариво. Чумата брзо се прошири и здравствените власти се обидуваат да го спречат ширењето.
Не е сигурно какви понатамошни мерки ќе преземе владата на Мадагаскар и дали традицијата фамадихана ќе се стави на „пауза“.
Доколку сакате добра акција или пак забегани и жестоки случки само за најхрабрите читатели, тогаш посетете го каналот Жестоко. Предупредување: Содржините може да ве вознемират!