Еден човек бил голем верник и верувал дека треба да добие просветлување кое ќе му покаже кој пат да го следи. Секоја вечер пред спиење му се молел на Бога да му испрати знак за тоа како да го живее својот живот. Така поминал неколку недели во полумистична состојба, очекувајќи да се појави Божествениот знак.
Еден ден, додека се шетал во шумата, видел мало срнче што лежало на земјата рането, со скршена нога. Додека се чудел што да прави, одеднаш се појавила пума. Човекот многу се исплашил. Тој веќе замислил како ѕверот го напаѓа и го јаде беспомошното животно. Останал да гледа исплашено, затоа што не сакал пумата да го нападне и него. Видел како таа се приближува до повреденото животно. Тогаш се случило нешто неверојатно. Наместо пумата да го изеде срнчето, таа почнала да му ги лиже раните.
Потоа отишла и се вратила со влажни гранки во устата и ги доближила до срнчето за да може да се напие вода. Потоа повторно заминала и се вратила со свежа трева што ја оставила покрај него за да јаде. Човекот не можел да поверува на своите очи. Наредниот ден се вратил на истото место. Срнчето повторно било таму, а пумата го хранела и му ги лижела раните. Тогаш човекот си рекол: „Ова е знакот кој го чекав и сосема е јасно дека значи, ‘Бог ќе се погрижи за се што му треба во животот’. Не треба да се грижиме самите да си го обезбедиме тоа.“
Така тој се вратил дома, седнал пред вратата и чекал некој да му донесе храна и вода. Два, три, шест часа, еден ден, два дена, три дена поминале … Но, никој не му дал ништо. Луѓето минувале покрај него, а тој имал тажен изглед на лицето, во обид да го имитира повреденото срнче, но никој не се понудил да му даде нешто. Еден ден покрај него поминал мудрецот во селото и очајниот човек го прашал:
„Бог ме излажа, тој ми кажа дека работите функционираат на еден начин, а всушност функционираат на друг. Зошто го направи тоа? Јас сум голем верник…
Човекот му ја раскажал приказната од шумата, а мудрецот му одговорил:
„Јас сум исто така многу побожен и сакам да знаеш дека Бог не праќа знаци залудно. Бог ти го испратил овој знак за да те научи.
Човекот го прашал: „Зошто Бог ме напушти?“
Тогаш мудрецот му одговорил: „Зошто, ти, кој си силен и способен да се бориш со пума, се спушташ на ниво со беспомошно животно? Твојата задача е да најдеш некој кој што е како тоа повредено срнче и да му помогнеш, затоа што ќе нема сила сам да се справи со проблемите.“