Јана Поповска живеела во Скопје до нејзината 24-та година. Таа средното образование го завршила во една од скопските гимназии и студирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Јана сега ужива во семејниот живот во Келн, Германија и работи како медицинска сестра во болница. Среќно мажената Јана, има 5-годишен син и втората радост е на пат. Поповска живее едноставен, семеен живот и ја споделува својата приказна со нас.
МОТИКА: Зошто одлучивте да се преселите во друга држава?
Искрено никогаш не можев да си замислам да живеаам во странство, тогаш си мислев дека тоа е нешто невозможно, а и немаше зошто имав сè што сакав во Скопје, родители, роднини, пријатели, дружби итн буквално сè. Но, ете и тоа се случи, мојот сопруг (тогаш дечко) живееше веќе подолг период тука, првин дојдов туристички во посета и потоа решив да пробам, да видам како ќе се навикнам на животот тука (иако искрено не верував дека ќе успеам да се навикнам). Но малку по малку некако почнав да се навикнувам и наместо да тагувам по родното место почнав да ги барам убавините на местото каде што бев.
МОТИКА: Кажете ни нешто за државата во која живеете. Колку се трошоците за живот?
Во Земјата во која живеам е интересно. На почеток се чини дека сè е поинакво, но со текот на времето се навикнувате на животот и сфаќате дека не е толку различно од Македонија, туку едноствано функционира сè на друг начин. Постои ред и правила кои се почитуваат и го прават животот поедноставен и хармоничен. Трошоците за живот се во однос на заработката, пример кирија со сите платени сметки, како струја и вода би ве чинело околу 800-950 евра за трособен стан. Дека навистина ќе се збогатите од животот тука… тешко, но како што кажав барем ќе имате похармоничен и не толку стресен живот како во Македонија, каде што треба да мислите дали платата ќе ви биде доволна да го поминете месецот.
МОТИКА: Направете споредба, колку чинат некои основни јадења таму и кај нас.
Прехрамбените производи на пример се тука некаде, на исто рамнише со производите во Македонија дури некои работи можам да кажам дека се и поевтини. Искрено не ги споредувам многу цените, доколку ми треба нешто одам и го купувам тоа е предноста да речеме на животот овде.
МОТИКА: Раскажете ни за некој успех што сте го постигнале во Германија.
Па најпрвин го научив Германскиот јазик да речеме околу 90% што го сметам за многу голем успех. Иако моите студии од Македонија за жал не ми се признаени тука и не можев да работам по струката која сум ја учела. Но тоа за мене не беше разочарување туку предизвик да се преориентирам и постигнам нешто друго. Потикната од неколкугодишната работа како негувателка во дом за стари лица, а подоцна и во болница почнав да студирам тука и сега сум „Дипломирана Медицинска сестра“, работам на оделот кој што јас сама си го избрав и работата ме исполнува потполно, а по моето породилно отсуство планирам да се дообразувам во склоп на болницата и можностите кои ми се нудат со цел да достигнам некоја поголема функција.
МОТИКА: Како ви започнува денот?
Бидејки кога сум прва смена почнувам со работа многу рано, од 06:30, значи и денот ми почнува работно, а кога сум втора или трета смена одам во градинка со синчето па потоа пијам кафе или дома или некаде надвор со некоја пријателка. Потоа ги завршувам домашните обврски и тоа што мислам дека многу од нас секојдновно го прават. Значи ништо посебно не правам и јас во еден обичен ден.
МОТИКА: Како го трошите слободното време?
Се трудам максимално релаксирачки да го пополнам слободното време. Одиме во трговски центри и продавници ако ни треба нешто да си купиме, посетуваме други градови, посетуваме знаменитости, одиме на некој организиран настан или се дружиме со пријатели. Некогаш седиме во најблискиот парк и ги гледаме децата како се играат и уживаме во времето, ако ни се погоди.
МОТИКА: Каде шетате и каде се опуштате преку ден?
Кога се работи За работен ден најчесто сме во нашата населба каде што имам сè што ми треба за секојдневните потреби.
МОТИКА: Каков е ноќниот живот таму?
Ноќен живот има и е супер за тие што имаат друштво и сакаат да се дружат, постојат секакви забави и ништо не е поразлично од кај нас.
МОТИКА: Дали имате пријатели и соседи во таа земја?
Имам искрено многу пријатели, Германци, Македонци, Срби, Хрвати, Турци … соседи со кои редовно пиеме кафе итн.
МОТИКА: Дали луѓето се пријателски настроени кон странците? Некоја интересна случка?
До сега сум била секогаш пријателски прифатена од многу луѓе тука, не можам да кажам дека се „ладен“ народ, баш напротив нашата култура им е многу интересна и луѓето сакаат да се дружат, има многу странци и навикнати се на дружби со странци. Секако има и такви кои не се пријателски настроени но, такви има секаде не само во Германија.
МОТИКА: Која културна разлика Ви беше најчудна кога прв пат дојдовте во земјата?
Тоа што за сè се вика „Благодарам“ и „Молам“ буквално за сè во секоја ситуација и место, не знам колку пати во денот ги слушам овие зборови.
МОТИКА: Што од културата во Германија најмногу ви се допаѓа?
Почитта која ја имаат меѓусебно, без разлика на религија, потекло, изглед ,функција итн.
МОТИКА: Која е најглемата разлика помеѓу Македонија и Германија?
Здраството како и организацијата во јавни институции, градинки, училишта итн. Политиката не е одлучувачкиот момент во животот на луѓето и никој не се замара до тој степен со политика, како што е тоа случајот во Македонија.
МОТИКА: Дали има и други Македонци таму?
Има, во последно време има дури голем налив на новодојдени Македонци.
МОТИКА: Што ви недостасува од кај нас?
Кога не можам да присуствувам на некој роденден, свадба или прослава на мои блиски пријатели и роднини.
МОТИКА: Кое е најдоброто нешто што Ви се случило таму?
Директно неповрзано со државата во која живеам но, сепак раѓањето на мојот син е најдоброто и најубавото нешто што ми се случило тука.
МОТИКА: Дали некогаш планирате да се вратите во Македонија?
Сега за сега не. Но не значи дека не би се вратиле никогаш.
МОТИКА: Дали имате некој совет кој би сакале да го споделите?
Страшно ме револтираат предрасудите на луѓето кои живеат во Македонија и мислат дека ние кои сме иселени немаме живот и цел ден одиме на работа и сме „роботи“. Дека немаме пријатели и не знаеме што е дружење. Времето кога луѓето одеа во странство на печалба е одамна изумрено. Ве молам заборавете ги тие предрасуди, верувајте дека не е така. На денешно време кога за 2 часа сум во Скопје и кога секој момент можам на телефон да се слушнам со моите најблиски нема потреба од тагувања и жалење по родниот крај. Овде парите не паѓаат од небо, секој работи чесно за својата плата без разлика што и како. Животот не е којзнае колку поразличен од Македонија но многу е поквалитетен и посмирен.
Блиц прашања | |
---|---|
Колку чини 1 леб? | Околу 1 евро |
Колку чини 1 кафе? | Околу 2,50 евра |
Колку чини 1 пиво во продавница, а колку во кафуле? | Во продавница 50 центи во кафуле околу 1,5/2 евра |
Место што мора да се посети? | Катедралата во Келн |
Традиционално или типично јадење што мора да се проба? | Колбас во Кари сос |
Најпознат граѓанин? | Ангела Меркел |
Најкористен збор/фраза? | Dankeschön / Bitteschön |
За која тема луѓето најмногу зборуваат? | За временската прогноза |
Најчесто име и презиме? | Müller, Schmidt, Schneider, Weber |