Меѓународен тим на научници пронашол доказ дека планетите во системот Трапист-1 можеби се „дом“ на вода. Користејќи го вселенскиот телескоп Хабл за да ја одредат веројатноста за појава на атмосферски водени пареи, тие можеле да заклучат дека пет од планетите сеуште можат да имаат вода на нивните површини.
На почетокот на оваа година НАСА го објави откривањето на ситемот Трапист-1 со седум планети со големина на Земјата, на кои е можно да има услови за живот. Предводени од Винсент Боуриер, швајцарски астроном од Observatoire de l’Université de Genève, овие научници го користеле Вселенскиот телескоп за обработка на слики (СТИС) на вселенскиот телескоп Хабл за да ги истражат нивоата на ултравиолетовото зрачење што влијаат на секоја планета во системот, а таа информација би можела да има индиции за атмосферата на планетите.
„Ултравиолетовото зрачење е важен фактор во атмосферската еволуција на планетите. Како и во нашата сопствена атмосфера, каде што ултравиолетовата сончева светлина ги раздвојува молекулите, ултравиолетовата светлина од ѕвездата може да ја скрши водената пареа во атмосферата на егзопланетите во водород и кислород.“, објаснува Винсент во соопштението за печатот.
Нивните наоди покажуваат дека двете најдалечни планети, наречени Trappist-1b и Trappist-1c, најверојатно изгубиле огромни количини на вода како резултат на ултравиолетовото зрачење – како 20 океани од Земјата во текот на последните 8 милијарди години. Сепак, тоа не е случај и за другите планети во системот. Истражувачите веруваат дека петте преостанати планети, вклучувајќи ги и трите во зоната погодна за живот – Trappist-1e, Trappist-1f и Trappist-1g – изгубиле многу помалку вода од најдалечните планети и сеуште би можеле да имаат малку вода на нивните површини.
Иако пресметките укажуваат на тоа дека постои вода на овие планети научниците не можат да бидат сигурни во тоа користејќи ги само достапните телескопи и податоци. Сепак, истражувачкиот тим сака да го истражува системот Трапист-1 понатаму за да види дали можат да најдат дополнителни докази за водата на најоддалечените планети.