Некаде низ просториите на Париската опсерваторија, која се наоѓа на брегот на реката Сена, се чуваат некои од најголемите леќи произведени некогаш. Два од нив се со дијаметар 1,25 метри. Конструкцијата на Great Paris Exhibition Telescope започнува во 1892 година, неколку месеци, откако француската влада најавува планови за Светскиот саем во Париз во 1900 година. Идејата била да се создаде толку импресивна структура како Ајфеловата кула, за да може со неа да се учествува во саемот.
Овие светски саеми кои се одржувале периодично во различни делови на Европа, обезбедувале на земјата-домаќин, како и на учесниците можност да ги покажат своите достигнувања во науката, производство и технологијата. Страните се стремеле кон престиж, претставувајќи ги најновите машини, производи, културни достигнувања и имот.
Француската влада се чувствува загрозена, бидејќи слушнала гласини дека Германија планира да одржи светска изложба или во 1896 или во 1900 година. Оваа вест претставувала опасност, бидејќи Французите верувале дека земјата, која ќе биде домаќин на саемот, ќе го одредува развојот на технологијата и науката во следниот век.
Централниот елемент на саемот бил телескопот, кој се наоѓал во Palais de l’Optique. Тој имал две леќи со дијаметар од 1,25 метри, една леќа за визуелна опсервација и една за фотографски плочи. Фокусната должина на леќата била 57 метри, а челичната цевка во која биле поставени, била со должина од 60 метри.
Поради огромните димензии и тежина, телескопот не можел да се движи и немало начин да биде насочен кон астрономските објекти. Наместо тоа, тој останал во фиксирана хоризонтална позиција, а светлината од астрономските објекти се пренасочувала преку систем на огледала. Окуларот на телескопот бил ставен на шини и можел да се сврти за 1.5 метри, за да фокусира.
Тој се користел само неколку пати. Астрономите ги набљудувале сончевите дамки и правеле фотографии од површината на Месечината и покрај фактот дека локацијата на телескопот не била идеална за слични активности. На крајот се покажало дека било забавно и интересно да се види телескоп, но тој не бил оценет како сериозен инструмент. За време на саемот илјадници луѓе пристигнале за да гледаат од него, но не се појавил ниту еден купувач.
Компанијата, која во 1886 година го направила инструментот банкротирала, а тој бил ставен на продажба, но повторно никој не сакал да го купи. Апаратот бил расклопен а неговите делови завршиле во отпад. Леќите биле складирани во Париската опсерваторија, каде остануваат и до денес.