Постоело некогаш едно царство, земјиштето било плодно, касата била полна, а луѓето живееле задоволно и богато. Владетелот на царството бил дарежлив и фер. Кога се родил синот првенец на царот, тој бил толку среќен што одлучил на посебен начин да им се заблагодари на своите поданици, така што долго ќе се памети денот на раѓањето на престолонаследникот.
Ставил тој една вага на градскиот плоштад и наредил на царските гласници да разгласат низ царството дека на овој ден секој ќе добие подарок од кралот. Условот бил секој да донесе по нешто од дома и да стави внатре во еден голем лонец и колку изнесува таа тежина, толку злато ќе добијат од кралот.
Луѓето среќни веднаш се растрчале и почнале да се собираат на плоштадот пред лонецот. Тие ставале различни работи, полесни и потешки, кој што имал, и додека тие ставале на едната страна од вагата царот на другата додавал злато, се додека двете страни не биле израмнети.
По некое време дошла една старица која не носела ништо големо со себе и од џебот извадила мало топче и го ставила во лонецот.
– Многу си скромна, добра жено! – рекол царот. – Немаше ли нешто поголемо што да донесеш? За оваа коска речиси ништо нема да добиеш.
– Па, тоа донесов, господару – одговорила жената. – Ајде да видиме колку тежи.
Ставиле една ситна златна монета во другиот тас, но тој не се помрднал. Сите се зачудите, но додале уште една. Вагата повторно останала во таа положба. Ставиле уште една, уште една, поливале цели вреќи со злато … но делувало како вагата да е залепена. Излегало како малата коска да тежела еден тон. Царот и неговите советници гледале во недоумица и не можеле да поверуваат на очите. Тоа мора да е некаква магија!
– Што е ова чудо, жено? Какво е ова топче што тежи толку многу? -прашал царот.- Изгледа целото мое богатство нема да биде доволно за него.
– Тоа е човечко око. Тоа е ненаситно, господару – рекла старицата. Колку и да ставите злато за него, сепак му е малку. Само кога човекот ќе умре и ќе отиде под земјата, само тогаш исчезнува неговата алчност. Му треба само еден грст земја…
И откако го рекла тоа, старицата се наведнала, зела грст земја и ја фрлила во лонецот со топчето, тогаш се придвижила и вагата.