Туристите често се лесна мета на уличните измамници на познатите туристички дестинации. Иако измамниците секој ден смислуваат нови начини за ограбување, постојат одредени шаблони кои кружат со години. Овие 10 измами најчесто им се сервираат на туристите низ светот и кои треба да ги знаете, за да успешно ги избегнете.
10. Скапоцен камен
Ова е една од најчестите измами на егзотичните дестинации. Некој од локалните жители ќе Ви пријде и ќе започне разговор со Вас за можноста за продавање на скапоцени камења, така што тука ги купувате по бедна цена а во Вашата земја за мало богатство. Најчесто ќе бараат да им платите веднаш а тие „скапоценостите“ да Ви ги пратат на домашна адреса. Во 100% во случаите ќе добиете камења изработени од стакло или пластика.
9. Затворена атракција
Внимавајте на таксисти или локалци кои кога ќе пристигнете во близина на одредена атракција Ви кажуваат дека е затворена поради празник или слична причина, а веднаш потоа Ви нудат друго место каде би можеле да Ве однесат. Ова е измама, затоа што тие добиваат провизија за тоа место на кое ќе Ве однесат. Културно одбијте ги и проверете сами дали е затворено или не.
8. Споро броење
Оние кои што се брзаат се најчести жртви на оваа измама. Кога плаќате нешто со евра наместо со валутата на земјата каде што сте, продавачот може да почне да ги брои парите кои треба да Ви ги врати премногу споро и да изгледа сосема збунет, се додека не снемате трпение и му дозволите да Ви врати кусур во домашна валута. Најдобро е кога ќе пристигнете во таа земја во менувачница да ги смените парите или пак доколку може да се плаќа во евра понесете што е можно поситни пари, за да не мора да „чекате“ кусур.
7. Нечистотија на Вашата кошула
Кога одите низ прометните улици може одеднаш да се појави куп нечистотија на Вашата облека. За неколку секунди некој локален жител ќе се понуди да Ви помогне да се исчистите. Додека Вие разговарате со овој „пријателски настроен“ човек, неговите соработници ќе Ви го земат паричникот, телефонот и другите скапоцености. Секогаш одбивајте вакви понуди и тргнете се од овој човек што е можно побргу.
6. „Џепчии“ во воз
Треба да внимавате кога патувате во преполн воз. Оној човек кој се „лепи“ до Вас, не го прави секогаш тоа поради гужвата, ова е стандардна тактика на џепчиите во сите форми на јавен транспорт. Тие се толку Вешти што дури нема ни да приметите дека нешто се случило. Најдобро е кога користите јавен транспорт вредните работи да ги ставите на место каде што ќе можете во секое време да внимавате на нив.
5. Цени на такси и кружење
Патување значи да се доживе некое непознато место, а таксистите тоа го искористуваат. Кога за прв пат сте на некоја дестинација тешко е да определите колку пари ќе Ви требаат за такси и како точно да стигнете до дестинацијата. Таксистите затоа наплаќаат вртоглави цени, или пак кружат од подолгиот пат за да Ви земат повеќе пари. Најдобро е да се договорите за цената со таксистот пред да влезете во автомобилот.
4. Нараквица за пријателство
Локалец Ви дава нараквица за пријателство или гранче рузмарин, како гест на пријателство и гостопримство. Но бидете сигурни дека овие работи не се бесплатни. Откако ќе Ви ги дадат овие работи ќе бараат мала донација или пак ќе Ви нудат услуга како што е читањето на дланка, за која подоцна ќе бараат пари. Тие понекогаш можат да станат прилично упорни и агресивни и затоа повторно избегнувајте ги овие „пријателски лица“.
3. Скршен фотоапарат
Сигурни сме дека барем еднаш Ви се случило некој да побара од Вас да го фотографирате на одмор. Секако луѓето често прифаќаат затоа што често и самите го имаат побарано истото. Но постојат измамници кои ќе побараат да ги фотографирате, но кога ќе погледнете низ апаратот ќе сфатите дека не функционира и ќе се обидете да им го вратите. Но тие ќе инсистираат дека апаратот бил во исправна состојба пред да Ви го дадат и ќе бараат од Вас да им ја платите штетата. За да се избегне ова најдобро е пред да го земете апаратот во Ваши раце да побарате од човекот да Ви покаже како функционира и така нема да може да ја префрли вината на Вас доколку апаратот е веќе скршен.
2. Лажна полиција
Овие лажни полицајци имаат униформа и се претставуваат како „полиција за туристи“ и бараат од Вас да им ги покажете Вашите лични документи и Ви велат дека има проблем со Вашите документи. Тие продолжуваат да зборуваат дека можете да завршите во затвор и Ви нудат „излез“ доколку платите казна на лице место. Друга тактика може да биде да побараат да Ви ги претресат работите, а подоцна да забележите дека Ви недостасуваат неколку работи. Секогаш од полицаец барајте да се легитимира или доколку Ви нуди „инстант казна“ побарајте да ја платите во полициската станица.
1. Фрлено бебе
Ова е најсмешната но и најефикасната измама која би можела да Ви се случи. Жена со бебе поминува покрај Вас и Ви го фрла бебето во раце. Вие испаничено се обидувате да го фатите бебето а нејзините соучесници во тој момент Ви го земаат паричникот и другите вредности и бегаат. Потоа ќе сфатите дека бебето е всушност кукла.