Новото научно поле „мека роботика“ и 3Д принтањето им овозможија на група научници од Швајцарија да развијат вештачко срце кое функционира како вистинското. Концептот бил успешно тестиран во лабораторија, но потребно е уште време за целосно да биде подготвено.

Наместо да користат посебни делови, швајцарскиот тим од ЕТХ Цирих, предводен од Николас Корс, 3D-отпечатил вештачко срце користејќи мек, флексибилен материјал. Материјалот бил обликуван во еден дел, што му овозможило на тимот да дизајнира комплексна внатрешна структура комплетирана со механизми за пумпање, кои можат да бидат активирани од силиконската комора. Овој метод имитира реални човечки отчукувања на срцето.

„Нашата цел е да направиме вештачко срце кое е со слична големина со онаа на пациентот и кое го имитира човечкото срце колку што е можно подобро, во неговата форма и функција.“, изјавил Корс во соопштението за печатот. Тимот успешно го тестирал ова вештачко срце, кое што пумпало течности, слични на крв, со притисок сличен како оној на човечкото тело. Тимот го објавил своето истражување во весникот Artificial Organs.

Сепак, овој дизајн е само концепт, што значи дека допрва треба да биде подготвен за реална имплантација. Материјалот кој го користат сега не може да издржи повеќе од половина час или неколку илјади отчукувања на срцето, иако тоа може да варира во зависност од срцевиот ритам на човекот. Тимот сега работи на нови материјали за да ја надмине оваа пречка. Откако ќе биде усовршен, овој дизајн потенцијално би можел да го подобри животот и здравјето на околу 26 милиони луѓе ширум светот кои страдаат од различни срцеви заболувања.

Сподели на Facebook
пати видено