Овој див Азиски слон бил однесен далеку во водите на Индискиот Океан и затоа морнарицата на Шри Ланка 12 часа се обидувала да го спаси загрозеното животно. Не е јасно како точно слонот завршил толку далеку од брегот, но морнарицата се сомнева дека силната струја го однела таму од крајбрежниот град Кокилаи. Се претпоставува дека бил однесен од водата кога се обидувал да дојде до шума преку лагуната Кокилаи, вливот што се поврзува со Бенгалскиот залив.
„Тие често поминуваат низ плитки води, па дури и пливаат за да си го скратат патот.“, изјави портпаролот на морнарицата, Чаминда Валакулуге.
Слонот бил откриен од глисер на морнарицата кој бил во рутинска патрола и потоа морнарицата испратила уште еден патролен брод и тим на нуркачи. Откако им станал јасен обемот на задачата се приклучиле уште два брода, заедно со тим од Одделот за заштита на дивиот свет на Шри Ланка.
Нуркачите биле советувани од службениците кои работат во организацијата за заштита на дивиот свет и како што тврдат од морнарицата „станаа многу важни во мисијата за спасување“. Иако слонот уште вознемирено пливал кога пристигнале спасувачите, шансите да стигне сам до копното биле многу мали. На крајот нуркачите со помош на јаже го извлекле назад до брегот.
Додека да успеат поминале цели 12 часа, но слонот бил добро и потоа бил ослободен во блиската џунгла. Иако можеби изгледа нелогично, но слоновите се одлични пливачи. Тие лесно преминуваат реки, па дури и плитки делови од океан ако сметаат дека тоа е потребно.
„Тие не можат долго да пливаат затоа што согоруваат многу енергија. И солената вода не е добра за нивната кожа, така што во овој случај, ситуацијата бараше човечка интервенција“, вели Авинаш Кришнан од организацијата за зачувување на диви животни „А Роча“.
Азиските слонови се наведени како загрозени видови од страна на Меѓународната унија за заштита на природата. Главно поради тоа што ги губат живеалиштата, фрагментацијата и деградацијата.