Ова можеби Ви изгледа како фикусот во дневната соба, или пак некој вид на папрат, но не, ова се всушност едни од првите големи животни на планетата Земја. Познати како Rangeomorphs, овие чудни животни растеле и до два метри. Истражувачите од Универзитетот во Кембриџ и Институтот за технологија во Токио неодамна ги проучувале нивните фосили и веруваат дека тие биле едни од првите животни поради нивната способност да „менуваат форма“. Истражувањето неодамна било објавено во списанието Nature Ecology and Evolution.
Овие суштества живееле во океаните за време на периодот Едиакаран, помеѓу 635 и 541 милиони години. Тешко е да се каже како тие точно се однесувале бидејќи не е пронајдено ништо слично на нив досега. Всушност, тие се толку различни, што е тешко да се поврзат со било која модерна група на животни.
„Она што сакавме да го знаеме е зошто овие големи организми се појавиле во овој момент во историјата на Земјата. Тие почнаа многу често да се појавуваат како фосили. Се прашувавме, дали ова е случајно или е директен резултат на промените во хемијата на океаните?“, вели д-р Џенифер Хојл Кутил од Катедрата за науки за Земјата на Кембриџ и еден од главните автори на истражувањето.
Истражувачите анализирале бројни фосили на Rangeomorphs од Канада, Велика Британија и Австралија користејќи микро-скенирање и фотографски мерења. Потоа тие ги ставиле овие информации во компјутерски софтвер за моделирање. Според оваа анализа, животното ги прикажувало најраните докази за раст, зависно од хранливите материи во фосилниот запис.
Се верува дека ова животно има „екофенотипска менливост“, феномен каде што хранливите материи можат да ја диктираат големината и обликот на организмот. Подемот на Rangeomorphs исто така се совпаѓа со ледено доба познато како „Gaskiers glaciation“ кое драматично ја променило хемијата на океанот. Поради ненадејно зголемување на кислородот и другите хранливи материи, било полесно да се биде голем организам.