Продажбата на батериите постојано расте што значи дека нашите телефони се „гладни“ за повеќе моќ. Но ако сме спремни да ги намалиме способностите на нашите направи според истражувачите од Универзитетот во Вашингтон ќе можеме целосно да се ослободиме од батериите.

Уредот користи техника наречена backscatter. Односно ги користи за комуницирање радио брановите насекаде околу нас. Сега за сега уредот е во почетна фаза но тимот успеа да демонстрира гласовен повик од телефон без батерија на Андроид паметен телефон.

Постигнувањето на овој успех не било лесно за истражувачите. Тимот претходно ја тестирал дигиталната backscatter технологија, која ја нарекуваат пасивна Wi-Fi, за направи кои користат мала количина на енергија. Технологијата била искористена за да се направат постери и маици што зборуваат, но се уште не била доволно силна за напојување на мобилен телефон. Така тие всушност го поедноставиле целиот систем.

„Конвертирање на аналогниот човечки говор на дигитални сигнали троши многу енергија. Ако можете да комуницирате со користење на аналогни технологии, Вие всушност ја зголемувате енергетската ефикасност.“, вели Вамси Тала, научник од Универзитетот во Вашингтон.

Тимот мораше да ја реинвентира аналогната технологија , која последен пат била користена за време на Студената војна од страна тајните агенти. Мобилниот телефон без батерии испраќа дигитални сигнали кога броевите се внесуваат во тастатурата, а потоа се префрла на целосно аналогните за пренос на глас.

Сигналот се движи преку нелиценцирана фреквенција на базна станица која се поврзува со дигиталната мобилна мрежа преку Skype. Базната станица не само што го поврзува мобилниот телефон со мрежата, туку исто така обезбедува потребното напојување за да може да работи. Тековната базна станица му овозможува на телефонот да биде најмногу 15 метри од неа. Моментално овој телефон не е лесно пренослив, но работите може да се променат во иднина со интегрирање на базните станици со телефонски кули.

„Вистинските телефонски кули ќе имаат стопати поголема моќ и ќе го зголемат опсегот до еден километар“, додаде Тала. Тимот сега работи на подобрување на квалитетот на повикот. Во моментов мобилниот работи како токи-воки, така што со притискање на копче се префрлате од зборување на слушање и обратно. Тимот сега бара начин со кој ќе можат да се пишуваат пораки и да се вгради камера во телефонот.

Сподели на Facebook
пати видено