Видеото подготвено од Френсис Чи ќе Ве натера да зажалите зошто не сте обрнувале доволно внимание на часот по биологија. На видеото се гледа клеточно делење на јајце од rana temporaria (обична жаба) со толку извонредни детаљи што секој човек би помислил дека се работи за компјутерска анимација. Првично има само 4 клетки, но тие стануваат милиони за 33 часа, време, собрано во 23 секунди во видеото на Чи.
Френсис не користел стандардна опрема за снимање на овој процес. „Можам да кажам дека го направив ова со микроскоп базиран на „бесконечен оптички дизајн“. Не е достапен кај ниту еден производител. Јас го дизајнирав. Користев LED диоди и релевантна оптика за да го осветлам јајцето. Тие исто така беа дизајнирани од мене. Целиот микроскоп е поставен на антивибрациона маса.“, напишал Френсис во опис на неговото видео.
Крајниот резултат е толку фантастичен што изгледа нереален. И бидејќи многу луѓе инсистираат дека видеото е компјутерска анимација и покрај фактот дека Френсис прави слични записи од 2009 па наваму, тој објавил уште едно видео, при кое што ја користел истата техника. На него се гледа како јајцето се трансформира во жаба.
Според Чи, видеото не зависи само од квалитетот на микроскопот кој се користи, тој вели: „Постојат безброј други варијабли вклучени во изведувањето на оваа комплицирана снимка, како на пример: температурата на околината за време на снимањето; Времето во кое биле собрани јајцата; Вештини на операторот; Видот на користената вода; Леќите; Квалитетот на камерата и слично.“