Нонтобеко Мбујази има 20 години и живее во Дурбан, Јужна Африка, таа е студент по криминологија и во слободно време е модел. Оваа девојка секојдневно е жртва на интернет насилство поради тоа што е албино.
Поради нејзината состојба Нонтобеко има бледа кожа и оштетен вид, но таа решително се спротивставува на „хејтерите“ кои секојдневно оставаат навредливи коментари за нејзиниот изглед нарекувајќи ја „дух“. Нонтобеко токму поради уникатноста на нејзиниот изглед започнала кариера како модел и често има фотосесии.
Таа вели: „ Јас сум албино и покрај мојата различност, пронајдов самодоверба да почнам да се занимавам со манекенство. Луѓето онлајн ми велат дека сум како дух, каде ми се веѓите и зошто сум толку бледа. Сајбер насилството неколку пати ме натера да се посомневам во себе, дали сум доволно убава или не. Но наместо да ме уништи го направи спротивното. Направи да можам да се одбранам себе и да станам подобра личност.“
Таа ги охрабрува останатите албино луѓе да си ја вратат самодовербата и да продолжат напред. Кога била мала Нонтобеко не можела да се игра како останатите деца на сонце, поради ризикот од рак на кожа, таа морала секогаш да носи капа и очила за сонце. Нонтобеко им порачува на албино луѓето: „Албино луѓето се прекрасни, сакам сите да го знаат тоа, тие можат да бидат се што ќе посакаат.“