Кога ќе ни се случи некој малер, најчесто се тешиме дека така требало да биде поради Марфиевиот закон. Но пред повторно да го обвините Марфи поради тоа што парчето леб ви паднало на страната со крем, да видиме кој всушност бил тој и што сакал да каже.
Оригиналниот Марфиевиот закон гласи вака: „Ако има два или повеќе начини да се направи нешто и еден од тие начини може да резултира со катастрофа, тогаш некој сигурно ќе го направи.“ Едвард А.Марфи бил еден од инженерите задолжен за изработка на ракети, експеримент предводен од страна на воздухопловните сили на САД во 1949 година, наменет за да ја тестира човековата издржливост при забрзувањето (USAF проектот MX981). Во еден ескперимент имало 16 акцелерометри, наместени на различни делови на телото на човекот. Имало два начина на кои што сензорите можеле да се залепат и некој од тимот методично ги наместил сите наопаку. Марфи тогаш ја кажал оригиналната форма на неговиот закон, а човекот врз кој што било извршено тестирањето, мајорот Џон Паул, го цитирал на прес-конференција, неколку дена подоцна.
За неколку месеци Марфиевиот закон почнал да се шири меѓу инженерите, а со текот на годините добил многу варијанти, брагодарение на имагинацијата на луѓето. Најчестата варијација на овој закон е „Доколку нешто може да тргне на лошо, ќе тргне.“ Денес има толку многу погрешни толкувања на зборовите на Марфи, што само го потврдува Марфиевиот закон.
Значи, да резимираме…
Оригиналниот Марфиев закон
„Ако има два или повеќе начини да се направи нешто и еден од тие начини може да резултира со катастрофа, тогаш некој сигурно ќе го направи.“
Упростен Марфиев закон
„Доколку нешто може да тргне на лошо, ќе тргне.“
Првата Марфиева последица
Доколку ги препуштите работите сами на себе, тие од одат од лошо кон полошо.
Втора Марфиева последица
Невозможно е да направите нешто отпорно на будали, затоа што будалите се генијални.
Максимизирана верзија на Марфиев закон
Сѐ оди на лошо, одеднаш.
Марфиева константа
Работите ќе бидат оштетени правопропорционално со нивната вредност.
Марфиева филозофија
Насмеј се… утре ќе биде полошо.