Еднаш еден млад човек му поставил прашање на еден мудрец:
– Ти си мудар човек, сите те почитуваат и бараат совет од тебе. Те молам, кажи ми зошто во твоето семејство царува среќата? Која е тајната?
Мудрецoт се насмевнал и рекол:
– Дојди кај мене дома, биди мој гостин. Жена ми ќе приготви домашен колач.
Отишле заедно во домот на мудрецот и седнале во дневната соба. Мудрецот ја повикал неговата жена. За кратко време во собата влегла убава и мила жена која делувала навистина среќно.
– Да, драги, повели!
– Мила, те молам приготви го тесто за твојот прекрасен колач.
– Добро, веднаш. – одговорила жената.
По некое време таа се вратила во гостинската и соопштила дека тестото е подготвено.
– Сега додади од нашето најубаво масло и од оние вкусни ореви што ги чуваме за посебни пригоди.- продолжил мудрецот.
– Добро – повторно одговорила жена му.
Таа се вратила по десет минути, а сопругот и ги дал следните инструкции:
– А сега додади малку глина од дворот во колачот и испечи го.
– Добро – одговорила жената и по половина час се вратила, носејќи во рацете готов колач.
– Се разбира дека ние не можеме да го јадеме овој колач- рекол мудрецот- однеси го на свињите.
– Добро – повторно одговорила жената.
Гостинот бил шокиран од она што го видел. “Но зарем тоа е возможно ?! Оваа жена послушно исполни сè што нејзиниот маж и нареди, дури и апсурдните работи … Не спротистави ниту еднаш и дури не се налути дека треба да го фрли колачот … “, си помислило младото момче.
Тој бил толку импресиониран што решил да го повтори овој експеримент со својата жена. Кога се вратил дома, тој уште од прагот извикал:
– Душо, замеси ми колач!
– Од каде пак го измисли тоа? Имаме доволно храна дома и јас си имам друга работа! -нервозно одговорила жена му и влегла во својата соба и ја треснала вратата.
Наредниот ден мажот се вратил кај мудрецот и го прашал:
– Зошто во твојот дом твојата сопруга ги исполни сите твои желби, а мојата не сакаше ниту да ме сослуша?
– Многу е едноставно-рекол мудрецот- меѓу вас нема почит.
– И што да правам сега?
– Вие двајцата треба да се научите да се почитувате еден со друг. Но за ова, најнапред мора да почнеш да правиш се за да се чувствува таа среќна.
Замислен од зборовите на мудрецот, мажот тргнал кон дома. На патот забележал грмушка со рози. Се сетил дека токму такви рози и подарил на својата сопруга кога ја запросил, а потоа секој ден и носел по една роза. Но оттогаш минало многу време. Веќе не се сеќавал кога последен пат и подарил цвеќе. Тој решил да откине една роза и да ја однесе на неговата жена. Кога се вратил таа веќе спиела и тој за да не ја разбуди ја оставил розата до нејзината перница.
Наредното утро, за прв пат по многу години го чекал сервиран појадок и една убава жена со сјај во очите. Тој ја прегрнал и нежно ја бакнал, исто како некогаш. Од тој ден па натаму, тој се сеќавал на зборовите на мудрец и се обидувал да направи својата жена среќна. А таа му возвраќала со исто.
Минале неколку години. Еден ден на вратата тропнал млад човек.
– Слушнав дека односите меѓу тебе и твојата жена се пример за семејна среќа и хармонија. А кај мене работите одат многу тешко – постојано имаме несогласувања со жена ми, таа не ме слуша, постојано се расправаме за нешто … Кажи ми која е тајната на семејната среќа?
Сопственикот се насмевнал и рекол:
– Повели, влези и биди мој гостин. Жена ми ќе испече колач …