Франција неодамна воведе закон за природната средина со кој за новите згради во комерцијалните зони е задолжително нивните покриви делумно да бидат покриени со растенија или соларни панели. И покрај фактот што првичната цел на активистите за заштита на природната средина била да се наложи закон со кој целата површина на покривите да биде „зелана“, сепак и ова е добар резултат, со оглед на тоа што француската влада не сакала да одобри закон кој би наложил преголемо оптоварување и трошоци за бизнисите, што негативно би се одразило врз економијата.
Примената на овој закон ќе помогне значително да се намалат трошоците за електрична енергија. Главната причина за ова е изолацискиот ефект на зелените покриви поради што во текот на зимата ќе се троши помалку енергија за загревање во тие згради. Меѓу другите предности на зелените покриви спаѓа и можноста да се задржува дождовницата, како и обезбедување засолништа за птиците во урбаните средини. Покрај тоа, зелените покриви ќе ги намалат ефектите на т.н. урбан топлотен остров, кој се поврзува со зголемените температури во метрополите во текот на летото.
Што се однесува до соларните панели, не мора ни да се наведува дека со повеќе згради кои се напојуваат со обновлива енергија, ќе се намалат негативните последици од производството на конвенционална електрична енергија. Покрај тоа, и соларните панели го имаат истиот ефект на изолација како и зелените покриви. Долгорочно, со овој закон не само што ќе се решат некои прашања во врска со заштитата на природната средина, туку директна финансиска полза од ова ќе имаат и самите сопственици на зградите.