Најчесто наместо детето, одлуките ги носиме ние, како дел од секојдневните обврски. Само што, за разлика од машината за перење или правосмукалката, детето не е апарат, инструмент за решавање на родителските проблеми. Тоа, како и ние, е исто така сопственик на своите желби, фантазии, способности. Имено, не треба да го учите што да мисли, туку како да мисли, тоа е многу важна разлика. За тоа која е идеалната тактика за ова, и што прават повеќето родители, ќе можете да прочитате во редовите кои следуваат.

Идеален родител: Го прашува детето што планира да прави: „Што ќе правиме сега? Што ќе правиме по јадењето?“
Реален родител: Строго го потсетува детето на тоа што тоа веќе го знае напамет: „Оди да си ги измиеш рацете!“

Идеален родител: Го прашува детето за мислење кога треба нешто да се бира: „Со сините или со црвените чаши ќе пиеме чај?“ „Кога ќе чистиме, пред да го гледаме филмот или после?“
Реален родител: Го става детето пред свршен чин: „Земи си ја чашата!“ „Исклучи го телевизорот и доаѓај ваму да помогнеш!“

Идеален родител: Планира некои едноставни работи заедно со детето. „Што да направиме прво? Да поминеме со правосмукалка? Да ја избришеме правта? Да ги наредиме играчките? Или да ставиме цвеќе во вазата?“
Реален родител: Го тера детето да направи нешто, без да му кажува за плановите: „Оди таму…донеси…стави!“

Идеален родител: Ја потцртува важноста на детското учество: „Без тебе немаше да се справам со ова. Интересно е да се работи со тебе.“
Реален родител: Го омаловажува придонесот на детето во заедничката работа: „Подобро да не беше почнал, само ми се плеткаш околу нозете!“

Идеален родител: Заедно ги оценува резултатите од заедничката работа: „Ти се допаѓа тоа што го завршивме? Страшни сме!“
Реален родител: Го критикува детето за грешките кои му се поткраднале: „Пак си оставил прав по аглите. Играчките треба да се наредат“.

Идеален родител: Раскажува на другите за успесите и постигнувањата на детето во заедничктите работи. Ја формира неговата работна репутација. „Тој/таа веќе сѐ си прави сам и многу ми помага. Ние сме тим кој може да заврши секаква домаша работа.“
Реален родител: Се жали на другите како му е тешко да се справи со тоа дете: „Не можеш да го натераш да направи нешто!“

 

Извадок од книгата на Олга Маховска „Јас те чувам разбирам и сум твој пријател, дете мое!“

Сподели на Facebook
пати видено