Ана Викторија Лаго од Бразил е родена со микрокефалија, што значи дека нејзината глава е многу помала од главата на нејзин здрав врсник или врсничка. Докторите предвидувале дека таа целиот живот ќе го мине во количка, но 17-годишната Ана им докажала дека не се во право и станала – манекенка. Модните агенти ги забележале фотографиите кои нејзината мајка ги објавувала на социјалните мрежи и ја контактирале, и само еден месец подоцна Ана ја одработила својата прва фото-сесија.
„Штом ја видов, ме воодушеви нејзината опуштеност пред камерите и нејзината насмевка. Таа многу едноставно ја покажува убавината во својот недостаток. Веднаш морав да ја ангажирам. Сега планирам да ја пробијам на телевизија, а ќе се најде и на Бразилската седмица на модата“, вели Креуза Родригез, сопственичка на модна агенција.
Ана Викторија има потешкотии во учењето, а ментално е на ниво на десетгодишно дете, но не допушта тоа да ја спречи во остварувањето на нејзиниот сон. И нејзината помлада сестра е родена со исто генетско пореметување, но благодарејќи на упорноста на нивната мајка, денес и двете се среќни и остварени девојки.