***
Еднаш се шетав во паркот. Бев многу отсутна и замислена. Во последно време ми се беа насобрале толку многу проблеми – работата не ми одеше, се чувствував осамена и неразбрана и сакав да постигнав повеќе од тоа што го имав постигнато до тој момент. Еден белобрад старец се приближи и седна до мене на клупата. Ме поздрави:
– Добар ден, девојче! – рече тој.
– Добар ден! – одговорив јас.
Но, во главата имав само една мисла: „Само да не продолжи да ми зборува. Претпочитам да сум сама.“
– Гледам дека си тажна. Сакам да ти раскажам една случка. Нема да ти одземам многу од времето, но сметам дека имаш потреба да ја слушнеш.
– Добро, раскажи ми – му реков.
„И што пак толку би ми раскажал?“ си мислев додека го гледав сомничаво.
– Си бил некогаш еден човек, ете да го наречеме Александар – започна старецот. – Тој имал само три мечти – да работи во голема фирма како директор, да ја сретне љубовта на својот живот и да стане познат. На Александар му претстоело интервју за работата за која мечтаел во една од најпрестижните фирми во градот. Бил студен и снежен декемвриски ден. Брзајќи за интервјуто, решил да мине низ еден парк, за да пресече. Таму до една од алеите во снегот паднал еден возрасен маж и лежел. Александар си помислил дека човекот е пијан и го одминал без да запре и да му помогне. Не задоцнил за интервјуто, но тоа не минало како што очекувал и тој не ја добил сонуваната работа.
Неколку месеци подоцна, во едно сончево попладне, Александар минувал преку градскиот плоштад. Имало карневал. Толку многу луѓе со различни костуми и маски. Подзапрел да гледа. Александар бил убав маж, млад, атлетски граден, харизматичен. До него се приближила една жена со прошарана коса и маска на вештерка. Го поздравила, се насмевнала и го прашала како се вика. Тој не ѝ обрнал внимание и само побрзал да ја одмине и да се прибере дома. И така си продолжил по патот.
Минале уште неколку месеци. Било златна есен. Александар седнал на една клупа во паркот, исто како и ти сега, задлабочен во својот сопствен свет и проблеми. На клупата до него седнала една млада дама. Била видно вознемирена и плачела. Но, на Александар не му било до туѓите премрежија и проблеми и побрзал да стане од клупата и да се премести на друга.
– Многу убави приказни! – реков јас, а всушност надевајќи се дека тоа ќе е крајот на раскажувањето и дека ќе останам сама со себеси.
– Сѐ уште не го слушна најинтересното – продолжи старецот – Неколку дни откако Александар се јавил на интервјуто за неговата сонувана работа, го читал утрешниот весник и наишол на статија за сопственикот на компанијата во која аплицирал. Ја видел сликата, и видел и се изненадил кога го препознал лицето на човекот паднат во снегот, истиот тој човек когошто Александар го одминал брзајќи за интервјуто.
Си спомнуваш ли за случката со карневалот? Неколку дена потоа една убава млада дама го поздравила Александар на автобуската постојка. Многу му се допаднала, но имал силно чувство дека ја познава од некаде. Нејзините очи му говореле нешто, но не можел да се сети која е таа. Додека се качувал во автобусот, ја свртел главата за да ја види уште еднаш – и токму во тој миг таа претурала во својата чанта, при што се појавиле прошарана перика и маска на вештерка.
Сигурно веќе се досетуваш дека и средбата на Александар со расплаканата жена во паркот воопшто не е случајна. Таа била позната писателка. Една година по нивната средба, таа напишала книга која потоа станала бестселер. Во неа таа опишала случка во паркот, како едно непознато девојче ја ислушала трагедијата која ја затекла – како го загубила својот иден сопруг во сообраќајна несреќа.
Судбината ги подредила нештата така Александар да може да ги оствари своите три најскришни мечти. Најверојатно ако беше подзапрел да му помогне на човекот во паркот, ќе ја добиел саканата работа. Ако поразговараше со „старицата“ на карневалот, тоа можеше да биде жената на неговиот живот. Ако ја беше ислушал жената во паркот, ќе се најдеше во светски познат бестселер. Сега, разбираш ли што е потребно за да си ги оствариш мечтите?
– Да, разбирам. Ми треба рака за да подадам некому, очи со кои ќе видам зад маската и срце да утешам нечија болка. Благодарам! Јас сум Дарја. Како се викате Вие?
– Мило ми е, Дарја – се насмевна старецот – јас сум Александар.