Момче со златно срце две години ја пуштало својата коса за да може да подари 30 сантиметри од неговата сјајна кафеава коса на пријателка која има проблем со растењето коса. Десетгодишниот Тајлер Бун од Џорџија, САД, почнал да ја пушта косата за од неа да може да се направи перика за неговата семејна пријателка, 12-годишната Габи Руиц, која страда од алопеција ареата уште од нејзината четиригодишна возраст.
Несебичното момче за американските медиуми изјавило дека едноставно сакало да ја усреќи својата пријателка, и научил како да не обрнува внимание секогаш кога по грешка ќе помислеле дека тој е девојче, како и на честите шеги на негова сметка.
„Сега сум навикнат на тоа“ вели тој.
Иако Тајлер и Габи живеат на стотици километри еден од друг, тие останале пријатели и покрај оддалеченоста. Нивните семејства се сретнале во трговскиот центар Вестфил Брандон во Флорида, кадешто пријателите направиле заедничка фото-сесија.
Тој сакал да се потстриже и да ѝ ја подари својата коса на Габи, но сакал таа да ја има честа да му го исече коњското опавче долго 30 сантиметри.
„Тој е прекрасна личност. Неверојатен е“, вели Габи за својот другар.