По седум десетлетија во модната индустрија, Пјер Карден не брза да се пензионира. Неговиот бренд е ставен на продажба веќе четвртина век, но не се ни обидувајте да се пазарите за цената, модниот дизајнер нема да разгледува предлози под една милијарда евра.

„Ако ги немате тие пари, не купувајте, никој не ве присилува. Можам да си дозволам да умрам без да ја продадам“, вели 94-годишниот моден дизајнер во интервју за Блумберг, ко го дава во својата канцеларија во Париз, спроти Елисејскиот дворец. Карден – првиот дизајнер кој го лиценцира своето име врз широк спектар производи – од душеци до тави, за првпат ја потфрли идејата за продажба на својот бренд кон крајот на 80-тите години на минатиот век. Низ текот на годините тој периодично ја обновуваше оваа возможност, при што за последен пат тоа го направи овој месец на модна ревија во Париз, по повод на неговиот 70-годишен јубилеј како дизајнер.

pk01

Но, поради се помалите заработки, тешкотиите во луксузната индустрија и намалувањето за половина на вредноста на повеќето негови лиценцирани производи во споредба со времето пред дваесет години, неговата империја веќе не е толку привлечна.

Дворецот на Казанова

Пјер Карден, кој по потекло е од Италија, го основал својот моден бренд во 1953 година, откако претходно кратко време ќе работи за Пакин и Кристијан Диор, и е првиот дизајнер кој нуди конфекција, навестувајќи ја појавата на мода за пошироките маси. Меѓу неговите изуми е балонестиот фустан и машкиот костум без јака, популаризиран од Битлси. Тој исто така е и пионер на модата на „Космичката ера“ од 1960-тите години, заедно со Андре Куреж и Пако Рабан.

pk02

Во продавницата на Карден во Париз се продаваат фустани во стилот на 60-тите по цена од 2800 евра, а неговите парфеми, вклучително и Innovation и Legend се дело на американската компанија Five Star Fragrance која исто така произведува аромати и за Доналд Трамп и раперот Џеј Зи.

Карден беше поставен на 166-тото место на листата на најбогати луѓе во светот на француското списание Challenges, при што е наведено дека поседува богатство од 400 милиони долари, и покрај тоа што одбива да коментира колку точно пари поседува. „Многу повеќе е отколку што тврдат луѓето и многу помалку отколку што си мислел“, вели тој.

pk03

Карден има десет постари браќа и сестри. Неговиот правнук Родриго Базиликати е администратор на неговата холдинг компанија Pierre Cardin Evolution, и покрај тоа што Картен одбива да коментира дали тој ќе биде негов наследник. Освен модниот и ресторанскиот бизнис, Карден поседува и неколку недвижни имоти, вклучително и замокот на Казанова во Венеција. Дизајнерот поседува и впечатлив имот на рид близу до Кан, кој во моментот е огласен за продажба по цена од 300 милиони евра. И повторно, не може да стане збор за никакво пазарење.

„Немам потреба да го продавам“, вели Карден, прелистувајќи слики на кои се гледа како позира со видни фигури од блиското минато, како Фидел Кастро и Нелсон Мандела. „Не ме привлекуваат парите, за мене најважен е успехот“, дополнува тој.

pk04

Сподели на Facebook
пати видено