На самиот врв на Апенинскиот полуостров, во регионот Калабрија, се раскажува една стара легенда. Таа раскажува за тројца шпански витези, Осо, Мастросо и Карканосо кои ја одмаздиле својата силувана сестра и потоа избегале од родната грутка за да ја избегнат казната. Осо се нашол во Сицилија каде што ја побарал помошта на св. Георги и ја основал Коза Ностра. Мастросо пристигнал во Неапол, каде што ја побарал помошта на Богородица и ја основал Камора, а Карканосо пристигнал во Калабрија и таму „со помош“ на Архангел Михаил ја основал мафијашката организација Ндрангета.

nd01

Како што и сами претпоставувате, легендата за храбрите витези всушност е приказна која припростите криминалци и нивните соработници ја раскажуваат со цел да го романтизираат создавањето на трите озлогласени италијански криминални организации, познати под заедничкиот назив – мафија. Од нив најпозната е Коза Ностра – овековечена многу пати во книжевноста и филмската индустрија, но која денес ни одблизу не е до својата некогашна „слава“. Во крвавиот судир со италијанската држава во текот на 80-тите и почетокот на 90-тите, предводена од злогласниот бос Салваторе Тото Рина, Коза Ностра го извлече подебелиот крај, особено откако го предизвикаа гневот на јавноста и органите на власта со бесрамните убиства на судии и обвинители, како и со низата бомбашки напади по цела Италија. Иако и понатаму моќна, особено на Сицилија, хиерархиски организираната Коза Ностра денес се смета помалку опасна и влијателна од Камора и Ндрангета.

nd02

Криминалните колеги од Камора се доста поуспешни од Коза Ностра. Всушност збир од хоризонтално организирани кланови, Камора просто го голтна Неапол, па така покрај вулканот Везув и Марадона, мафијашката организација стана една од најчестите асоцијации за овој италијански град. Нивната организација и начин на дејствување се одлично опишани во одличната книга „Гомора“ на новинарот и писател Роберто Савијано, кој поради своето дело денес живее под постојан полициски надзор. Илегалното царство на Камора се проширила и далеку вон границите на Неапол, а најголем проблем на властите им претставува фактот дека убиениот или уапсениот бос веднаш го заменува еден или повеќе други босови, уште посурови од својот претходник.

nd03

Долго во сенката на Коза Ностра и Камора, во Калабрија своите пипала ги ширела и организацијата Ндрангета. Ова име за првпат се спомнува во 19. век, опишувајќи ги тајните и хиерархиски организирани разбојнички здруженија кои ги поврзувало начелото на омерта – завет на молк на нивните членови, кои за организацијата не би ни писнале пред полиција или суд. До почетоткот на 1970-тите, активностите на клановите на Ндрангета во Италија биле ограничени на Калабрија, а нивната заработувачка главно се темелела на изнудување и шверц. Преку шверцот со цигари набргу се поврзале со Коза Ностра и Камора, а потоа почнале да киднапираат богати луѓе и да заработуваат со откупнините кои нивните семејства веднаш би ги платиле. Ако некој се двоумел, како што било во случајот на нафтениот магнат Џон Пол Гети, чијшто внук Џон Пол Гети III бил киднапиран во 1973 година, мафијашите ќе прателе отсечени делови на телото на киднапираниот со цел да го поттикнат семејството малку да ја забрзаат трансакцијата. Конкретно во случајот на Гети, мафијашите му го отсекле увото на внукот, кој бил пуштен откако неговото семејство платило 3 милиони долари.

nd04

По две крвави внатрешни војни во кои загинале речиси 1000 луѓе, клановите на Ндрангета во почетокот на 90-тите конечно основале врховно тело надлежно за решавање на взаемните судири, најверојатно по сугестија на членовите на Коза Ностра кои исто така имале своја „Комисија“. Познато под името „Ла Провинча“, ова тело претставува еден вид мафијашки управен одбор во кој седат најмоќните членови на Ндрангета, кои освен решавањето на внатрешните судири, решаваат и за најважните прашања во однос на организацијата. Нивните членови се состануваат и избиаат во гратчето Сан Лука, во кое доаѓаат секој септември, под параванот на поклонение во светиштето Санта Марија ди Полси.

По основањето на „Ла Провинча“, илегалните бизниси на Ндрагнета процветале, најмногу благодарение на шверцот со кокаин. Со оглед на тоа што Камора и Коза Ностра се концентрирале на хероинот, клановите на калабриската мафија се свртеле кон тоа што им останало. На нивна среќа, коканиот набргу станал значително попопуларна и пораширена дрога од хероинот, а врските кои ги воспоставиле со колумбиските нарко картели им овозможиле да увезуваат и препродаваат десетици тони „бело“.

Моќта и богатството на Ндрангета толку пораснале што кон крајот на 90-тите станала најмоќна од сите три италијански мафии, а таа позиција според многу истражувања сѐ уште не ја напушитиле. Според документите на американските дипломати кои во 2011 година ги објави Викиликс, Калабрија всушност е „пропадната држава во држава“, во која Ндргангета ја има вистинската власт и моќ, а делот на нивните „бизниси“ во италијанскиот БДП се проценува на 3 отсто или во паричен износ од 60 милијарди долари.

Две години подоцна италијанското министерство за одбрана од универзитетот Католика дел Сакро Куоре нарачало истражување за влијанието на криминалните здружувања во Милано, од кое бил изведен заклучок дека моќта и влијанието на Ндрангета во најмала рака се еднакви на моќта на Камора, а двојно поголеми од моќта и влијанието на Коза Ностра. Има две главни причини зошто оваа организација е толку силна. Прво, речиси сите членови на клановите/семејствата на Ндрангета, кои што ги има стотина само во Калабрија, се семејно поврзани и за разлика од членовите на Коза Ностра и Камора многу ретко на полицијата ѝ откриваат детали за своите операции или имињата на членовите на семејството. На неколку илјади покајници од Камора и Коза Ностра во изминатите десетлетија се паѓаат околу стотина членови на Ндрангета кои „пропеале“.

nd05

Другата причина е глобализацијата. Ндрангета во текот на 20. век се прошири буквално низ целиот свет, при што силни семејства на мафијата има од Германија, Белгија, Фанција, преку Канада и Австралија, сѐ до Јужноафриканската република. Речиси да нема место на Земјината топка во кое организацијата не е вклучена во некоја незаконска работа, а тоа се гледа и во проценката според која 80 отсто од профитот кој го остваруваат клановите базирани во Калабрија потекнува надвор од границите на Италија. Тоа најдобро го опишува Никола Гратери, заменик-обвинител во регионот Калабрија:

„Тие се како Мекдоналдс. Каде и да појдеш, наоѓаш ист хамбургер. Со Ндрангета, тоа се исти институции, исти правила, ист кодекс. Тоа е една од причините за нивната голема моќ.“

Доколку сакате добра акција или пак забегани и жестоки случки само за најхрабрите читатели, тогаш посетете го каналот Жестоко. Предупредување: Содржините може да ве вознемират!

Сподели на Facebook
пати видено