Јапонската полиција на постарите возачи им нуди попуст за – супа со резанки – доколку доброволно ги вратат возачките дозволи. Целта на овој невообичаен потег е да се зголеми безбедноста во сообраќајот. „Неморалната“ понуда стигнува по низот автомобилски несреќи со фатален исход кои биле предизвикани од возачи постари од 75 години, а во Јапонија ги има повеќе од 4,8 милиони.
Надевајќи се дека меѓу јапонските сениори ќе преовладее желбата за фин и поевтин оброк, полицијата во префектурата Аичи на возачите постари од 75 години им понуди попуст во локалниот ланец на ресторани. Постарите возачи кои ќе решат да ги предадат возачките дозволи ќе добијат потврда од полицијата, која потоа ќе можат да ја покажат кога ќе нарачуваат супа со резанки во ресторан, при што ќе добијат попуст од 90 јени (околу 0,7 евра).
Минатиот месец во Јокохама загинало шестгодишно момче, а 11 деца од основно училиште биле повредени кога осумдесетгодишен возач на комбе ги „собрал“ пред нивното основно училиште. Во март во Јапонија биле воведени нови когнитивни тестови за возачите кои наполниле 75 години, а сакаат да ја продолжат возачката дозвола.