Сите осумдесет жители на малото шпанско село Серезалес дел Кондадо неодамна станале милионери и тоа благодарение на само еден човек и неговиот тестамент. Антонино Фернандез, милијардер и филантроп, умрел во август во 100. година на својот живот, а во својот ексцентричен тестамент им оставил 200 милиони евра на жителите на селото во кое пораснал. Така, на секој жител му припаѓаат нешто повеќе од 2,3 милиони евра, а останатиот дел од наследството бил наменет за други трошоци, како изградбата на нов културен центар.
Фернандез се родил во 1917 година, а веќе на четиринаесет години морал да го напушти училиштето. Имено, тој бил едно од тринаесетте деца во семејството и неговите родители едноставно не можеле да му обезбедат образование. Нешто подоцна се оженил со Синија Гонзалес Диез и на 32 години емигрирал во Мексико каде што се вработил во компанијата Групо Модело на нејзиниот вујко, позната по пивото Корона.
До 1971 година напреднал до позицијата извршен директор и помогнал пивото Корона да стане не само најпопуларното мексиканско пиво, туку и извозен феномен. Го извезувале и во неговата родна Шпанија, под името Коронита. Корона Екстра пак е другото најчесто увезувано пиво во САД, со годишна продажба од речиси 700 милиони долари.
Фернандез никогаш не ја заборавил својата родна грутка, а поранешниот шпански крал Хуан Карлос му врачил и одликување за неговата хуманитарна работа. Но, дури по неговата смрт неговите соселани сфатиле колку многу го сакал својот крај. Селото ќе добие нов културен центар, исто така платен од наследството, средства ќе добие и локалната непрофитна организација, како и сите вработени во неа.