Бојкот е намерно и организирано откажување на било каква соработка со инстанци со кои личноста или огранизацијата која бојкотира има некакви несогласувања. Многу луѓе не слушнале за Чарсл Канингам Бојкот, но речиси сите го слушнале неговото презиме. Ова е животната приказна на човекот чиешто презиме станало нов збор во англискиот, а потоа и во многу други јазици ширум светот – Бојкот.
Чарлс Канингам Бојкот се родил на 12 март, 1832 година, во селото Бур Сент Питер, Норфолк, Англија. Се образовал во Блекхит, Лондон. Во своите рани години тој се интересирал за армијата и решил да се запише во Кралската воена академија во 1848 година. Во 1849 година паднал на редовен испит и бил исклучен од академијата, но во 1850 година неговото семејство му обезбедило место во 39-тиот пешадиски полк. Неговиот полк бил префрлен во Белфаст и потоа во Даблин, каде што се оженил. Во 1852 година се разболел и морал да ја напушти војската, но останал во Ирска.
Откако се пензионирал од армијата, станал агент за Џон Крајтон, гроф од Ерн, кој поседувал голем имот во областа Мајо. Грофот му понудил на Чарлс да управува со неговото земјиште во близина на областа Нил, нудејќи му фарма и добра куќа со двор и штали, стар замок и два острови. Должноста на Бојкот била да собира наемнина од другите 35 потстанари и воопшто да се грижи за имотот. Во тие години, откако поминал дваесет години во областа, тој веќе се чувствувал како локален жител.
Проблемите за Бојкот започнале во 1879 година кога економскиот пресврт предизвикал криза во ирското земјоделство и гладот претставувал постојана закана. Ирските селани започнале да се организираат со цел да побараат намалување на наемнината. Предводени од адвокатите Чарлс Стјуарт Парнел и Мајкл Давит, тие ја создале Ирската земјоделска лига во 1879 година и на Бојкот му кажале дека мора да ја намали закупнината за 25 отсто.
Бојкот одбил да го стори тоа, но не очекувал дека оваа негова одлука ќе уништи сѐ што создал во изминатите години. Огранокот на Мајо на Ирската земјоделска лига ги повикала вработените на Бојкот да престанат да работат за него и да започнат кампања за негова изолација во локалната заедница. Тие не само што не сакале да работат за него, туку одбиле и да зборуваат со него. Никој не сакал да седи крај него во црква, ниту да му служи на било каков начин. Поради тоа, голем дел од годишната жетва пропаднал. Бојкот морал да го напушти островот посрамотен, а неговото име станало синоним за концептот за нечија изолација со цел да се постигне промена.
Отсекогаш ве мачеле големите прашања? Верувате дека светот не е толку едноставен и дека постојат и работи кои не ги гледаме? На вистинското место сте. Посетете го каналот Мистерии и урбани легенди.