Едно момче ја гледало баба си како пишува писмо. По извесно време прашашало:
– Што пишуваш? Приказна за нас? За мене ли пишуваш?
Бабата престанала да пишува и му одговорила:
– Да, всушност за тебе пишувам, но поважен од зборовите е моливот кој го употребувам. Се надевам дека еден ден кога ќе пораснеш, ќе станеш како овој молив.
Заинтригирано, момчето го погледнало моливот. Тој не изгледал како нешто којзнае што особено.
– Но, тој е сосема обичен! – разочарано подвикнало тоа.
– Зависи како гледаш на нештата – одговорила бабата – тој има пет важни особини кои ако успееш да ги одгледаш во себе, ќе израснеш во човек кој е во мир со светот.
Прво, ти си способен за големи нешта, но никогаш не смееш да заборавиш дека има една рака која управува со твоите стапки. Ние ја нарекуваме Бог и тој секогаш не води според својата волја.
Второ, од време на време треба да престанам да пишувам и да го поднаострам моливот. Тоа може и да заболи, но потоа станува многу поостар. Така и ти треба да се научиш да ги поднесуваш болката и тагата, тие ќе те направат подобар човек.
Трето, моливот секогаш ни дозволува да употребиме гума за да си ги избришеме грешките. Тоа значи дека и не е лошо да се премислиш за да поправиш нешто што си згрешил. Тоа ни помага да го продолжиме нашиот пат кон справедливоста.
Четврто, тоа што е најзначајно не е дрвената обвивка на моливот, туку графитот кој лежи во неговата срцевина. Затоа секогаш во себе и во другите луѓе барај го тоа што се наоѓа внатре.
И петата особина на миливот е – тој секога остава трага. Треба да запомниш дека сѐ што правиш во животот остава трага и секогаш имај го тоа на ум, со секоја стапка која ја правиш.