Кинеската гранична контрола фатила шверцери кои се обиделе да внесат стотици iPhone 7 телефони, истиот ден кога производот бил пуштен во продажба. Шверцерите биле фатени кога преминувале од Хонг Конг во Шенжен во јужна Кина, со телефоните скриени под нивните панталони и врзани околу половините. Според граничната полиција, 16 септември биле конфискувани повеќе од 400 примероци на iPhone 7 и iPhone 7+, со проценета вредност од три милиони јуани (околу 400 000 евра).
Телефоните биле запленети на 16 септември, истиот ден кога телефоните биле пуштени во продажба. Според извештаите, царината на пристаништето Футиан во Шенжен го запрела првиот сомнителен патник со пет нови телефони. Во текот на денот, бројот на луѓе кои се обиделе да ги прокриумчарат новите модели во земјата се зголемувал. Во Кина е дозволено минување на границата со само еден телефон, и повеќе од тоа се смета за шверц.