Италијанската полиција испитала четворица мажи поради сомневање дека се поврзани со самоубиството на 31-годишната Тицијана Кантоне, која со месеци се борела видео снимката на која таа има сексуален однос со маж трајно да биде отстранета од интернет. Несреќната 31-годишна жена пролетта минатата година му ја испратила таа снимка на своето бившо момче и на уште тројца мажи на кои им верувала, но тие веднаш ја распространиле на интернет. Наскоро снимката ја виделе повеќе од милион луѓе, а Тицијана во Италија станала предмет на потсмев.
На крајот, не можејќи да издржи, во вторникот извршила самоубиство во домот на нејзината тетка во Муњано, место во близина на Неапол. Локалните обвинители веднаш отвориле истрага, а четворицата мажи се осомничени за повреда на честа и угледот. Откако пред повеќе од година видеото се раширило по интернет, Тицијана дала отказ на работа, го напуштила својот град Неапол и се преселила во Тоскана. Освен тоа, покренала постапка за промена на името, но снимката ја следела каде и да одела. Цел на потсмев била најмногу поради зборовите кои ги изговара во видеото: „Го снимаш ова? Браво!“, кои станаа и мем и беа печатени на маици, футроли за телефон и сл.
Со надеж да се ослободи од несаканата слава, Тицијана на суд побарала да ѝ се исполни правото „да биде заборавена“, што на крајот и добила. Судот наредил видеото да се избрише од сите веб страници кои го објавиле, како и од веб пребарувачите. Но, во исто време ѝ било наредено да плати 20 000 евра, колку што чинела целата судска постапка. Локалните медиуми тоа го нарекоа „последна шлаканица“.
По самоубиството на Тицијана, целата држава остана во шок, а во јавноста е отворена дебата за погубните последици на јавното посрамување на младите жени. За случајот се огласил дури и италијанскиот премиер Матео Ренци:
– Главно се работи за културолошка битка, но и за социјална и политичка. Како влада можеме да сториме сѐ што е во наша моќ. Насилството против жените не е проблем кој не би можел да се искорени – изјавил Ренци.
Погребот на младата девојка го пренесувала и ТВ Раи, а семејството на жртвата упати молба конечно да се престане со срамотењето на нејзиното име.
– Го повикуваме правосудниот систем да реагира за нејзината смрт да не биде залудна – велат членовите на нејзиното семејство.
Доколку сакате добра акција или пак забегани и жестоки случки само за најхрабрите читатели, тогаш посетете го каналот Жестоко. Предупредување: Содржините може да ве вознемират!