И во песните опеаниот КПД Зеница, окпружен со висок ѕид и бодликава жица, најозлогласениот затвор на Балканот веќе полни 120 години во внатрешноста на старите ѕидини живее како некој мал град, чувајќи мрачните тајни на своите станари. Денес затворот во Зеница „згрижува“ убијци, разбојници, воени злосторници, силувачи, киднапери, дилери на дрога и криминалци со најразлични други „специјализации“.

zn

Живот преполн со насилство и дрога

Во затворот најбројни се Бошњаците, по кои следуваат Хрватите, Србите, Ромите и Албанците. Судбината на секој од 795-те затвореници колку што сега ги има во него е приказна за себе. Најмногу има осуденици на меѓу пет и дваесет години затвор, а триесет и тројца од нив се осудени на повеќе од дваесет години.

„Овде и се умира, што од старост, што од болести“, изјавил Нихад Спахиќ, директор на КПД Зеница. Затворските полицајци во тој строг режим и живот полн со насилство, дрога и што не, настојуваат на робијашите да им бидат чувари, заштитници, учители, лекари, работодавачи, па дури и пријатели, раме за плачење. Сите до еден велат дека и не им е баш лесно. Последното бегство преку ѕидот е забележано пред петнаесеттина години, кога двајца затвореници едноставно со помош на скали си отшетале на слобода.

Копање на тунел под затворот не се случило, но велат дека наоѓале различни планови за подготовки на бегство, што и не е за чудење со оглед на тоа што на секој робијаш единствената мисла му е како да избега.

Злоставувањето меѓу затворениците е голем проблем

Затворениците во внатрешноста на ѕидовите имаат речиси сѐ и единственото што им недостига е – слободата. Целиот комплекс со павилјоните, работилниците, со кино и спортска сала, библиотека, училници, ресторани и верски простории, живее како некој мал град. Тие коишто сакаат можат и да работат и пристојно да заработуваат или да се занимаваат со некој спорт. Работата не е задолжителна.

На оние со добро однесување два часа месечно на располагање им стои една од седумте љубовни соби за состанок со законската сопруга. Затворот располага и со 22 хектари обработливо земјиште, 17 пластеници, 7000 кокошки несилки, 3000 пилиња, а чуваат и стока. Било да работат или не, сите затвореници во 22 часот се во своите кревети. Заклучени. Речиси секој агол на затворот е покриен со видеокамери. Насекаде решетки и бодликава жица.

„Голем проблем ни претставува злоставувањето меѓу затворениците. Чести се тепачките и рекетирањата. Тука има убијци, разбојници и наркомани кои за ситна услуга или кутија цигари би нападнале други затвореници. Пред шест години имаше 3200 случаи на насилство, а пред година време забележавме сѐ уште висока бројка од 2025 напади. Најчесто се напаѓаат на шеталиштето, по ходниците, но и по собите. Главно, оние послабите се жртви на затворските лидери, или како што ние ги нарекуваме – капиталци, со казни од преку дваесет години затвор“, објаснува Спахиќ.

Ѝ нашле дрога во вагината

Затворениците споделуваат дека освен насилството, меѓу кое се јавува и сексуалното насилство, кое во зеничкиот затвор не е реткост, голем проблем е и дрогата. Надлежните настојуваат да ја спречат трговијата со дрога во затворот, којашто внатре е двојно поскапа отколку на улица.

„Пред неколку години во посета на својот маж беше дошла една жена, а лабрадорот буквално побесне покажувајќи му на водичот кон нејзиното меѓуножје. Жената мораше да се пребара. Во вагината ѝ најдоа 33 грама хероин. А тоа е само еден од досетливите обиди за криумчарење дрога во затворот“, раскажуваат тие.

Сега да ме пуштат, по едно 4-5 пива би си пукал во глава

Во затворот веќе повеќе од дваесет години е на робија и четирикратниот убиец Едиб Буљубашиќ од Зеница. Тој е осуденик со најголемата изречена казна од 1954 година па досега. Во 1989 година го убил својот татко и еден свој сограѓанин. Во војната од затворот побегнал во Фоча. По војната казната не му била простена, па така во 1996 година се вратил во Зеница. По неколку години добро однесување бил пуштен на слободен викенд. И тогаш повторно убил, и тоа својата сопруга и снаата. Првото злосторство Буљубашиќ го опишал во своите две книги „Зошто го убив татко ми“, а подготвува и трета со наслов „Затворски бегалец“, во која ќе го опише својот крвав поход и деновите во бегство минати во Хрватската војска.

„За тоа што го убив татко ми се каам педесет отсто. За тоа што ја убив жена ми ни најмалку не се каам. Ја убив затоа што ја сакав и затоа што не можев да го поднесам тоа што ме изневери додека бев на робија. Горд сум со тоа што ја убив. Пак би го сторил истото. За Милан Машиќ од Зеницатранс се каам деведесет отсто, а за убиената снаа Наѓа се каам сто посто. Ако некогаш слушнете дека сум се убил, тоа ќе биде поради неа, бидејќи тоа ме прогонува. Неа не требаше да ја убијам. Да, ќе се убијам пред да излезам од затвор. Мојот живот ќе заврши, не е важно кога, само поради снаата. Во затворот се кријам зад хармониката, шахот, боксот, каратето…Тешко му е на убиецот. Нема поголема казна од оваа која ја преживувам. Сега да ме пуштат, сигурен сум дека веднаш по 4-5 пива би си пукал во главата. Ме прогонуваат тешки сништа и ноќни мори. Често го сонувам татко ми кој секогаш ме спасуваше од некои ситуации, а јас го убив. Кошмарот е голем. Пишувајќи книги во затворот оставам некаков траг зад себе со порака никој да не тргне по моите стапки“, споделува Буљубашиќ.

За секс плаќаат со телефонски картички

Затворениците не кријат дека зад затворските ѕидови, покрај насилство и дрога, има и хомосексуализам. Сепак, за тоа не сакаат многу да зборуваат. Дел од нив во хомосексуални односи влегува своеволно, а за дел од нив тоа е казна.

„Оралниот секс се плаќа со телефонска картичка од 500 импулси, што е еднакво на 15 конвертабилни марки (околу 470 денари, н.з.). За секс се плаќа со картичка од 1000 импулси. „Топџии“ е прекарот за тие кои плаќаат за секс, а тие што „примаат“ ги нарекуваме „Шемси“, што е асоцијација на една убава пеачка. Од 800 затвореници, 200 сигурно се „Шемси“, а „топџии“ има двојно помалку.

Хомосексуалците својата страст најчесто ја задоволуваат во бањите или по собите. По правило имаат свои набљудувачи-стражари со договрени лозинки во случај да наиде затворскиот чувар. „Нема топла вода“ е шифра да се престане со секс во бањата бидејќи доаѓа стража.“

Покрај доброволниот секс, во затворот се случуваат и силувања.

„Најголема одмазда за затвореникот е да го обесчестиш и силуваш. Силувањето не се случува затоа што силувачот нема `Шемса`, туку тоа е порака, одмазда поради кодошење или наредба однадвор да се биде лојален“, ги открива мрачните тајни еден од затворениците.

Сподели на Facebook
пати видено