Едно аутистично момче без пријатели, чијашто мајка упатила јавна молба на интернет да му го развеселат роденденот, наполнило петнаесет години – со поголем број честитки од самата британска кралица!!! На мајката на Оли Џонс ѝ се скршило сфцето кога видела дека тој самиот си направил роденденски картички, бидејќи не очекувал дека ќе добие од некој друг. 49-годишната Карен објавила потресна молба на Фејсбук, замолувајќи ги луѓето да му пратат роденденски честитки на нејзиниот син – и била зашеметена од одговорот.
Оли во сабота наполнил петнаесет години и примил околу 20 000 честитки, пораки и подароци – од целиот свет. За споредба, англиската кралица прима околу 17 000 картички секоја година. Кутиите започнале да пристигнуваат во четврток, при што куќата се наполнила со подароци и пораки со најубави желби од љубезни и добродушни луѓе од целиот свет.
Карен вели дека не ни замислувала дека одговорот ќе биде толку масовен, при што пристигнале стотици подароци, вклучувајќи и еден Х-бокс пратен од Саудиска Арабија. И згора на сѐ, нивниот телефон постојано ѕвони.
„Тој нема пријатели поради неговиот аутизам, и кога видов дека сам си прави картички, ми се скрши срцето“, вели самохраната мајка. „Си помислив дека би можела да му издејствувам некоја картичка повеќе оваа година. Па така, објавив еден мал пост на Фејсбук, замолувајќи ги луѓето да му пратат роденденски честитки, а сега добиваме пораки од целиот свет.“
Карен вели дека роденденските пораки и честитки многу го израдувале нејзиниот син, кој ужива во отворањето на писмата.