Специјалните очила и слушалки кои изолираат од стварноста и го пренесуваат корисникот во еден друг виртуелен свет го поплочиле патот за технологиите како Google Glass и GoPro. Технологии кои нудат нови можности но и покренуваат нови прашања за начинот на кој ги восприемаме нештата и идентитетот како феномен. Ако светот го доживуваме со очите на некој друг, дали тоа сме сѐ уште ние?

dr01

Тоа се прашањата на кои изведувачот Марк Фарид ќе се обиде да најде одговор во текот на неговиот 28-дневен социјален експеримент наречен „Гледање – Јас“. За време на четирите седмици, Фарид ќе биде изолиран во една лондонска галерија. На располагање ќе има кревет, тоалет и туш, и нема да има никаков допир со други луѓе. Ќе носи специјално дизајниран комплет очила и слушалки како единствен прозорец кон останатиот дел од светот. Неговиот тим ги опишува можните резултати на проектот:

„За време на проектот ќе се види дали Фарид ќе почне да го губи чувството за себеси и ќе почне да ја населува реалноста на Другиот. Немајќи со кого да разговара и немајќи кој да ги вреднува неговите мисли, дали животот на Другиот ќе стане единствениот живот кој ќе има смисол за Фарид? Но, исто така може да се случи тој да ја задржи свесноста за себе и да продолжи да суштествува во една ничија земја помеѓу неговиот идентитет и идентитетот на Другиот.

dr02

„Другиот“ ќе биде друг човек кој исто така ќе носи очила и ќе снима звучни и визуелни информации кои ќе бидат пренесувани во слушалките и очилата на Фарид. Во интеракцијата нема да биде вмешан никој друг и само тие двајца ќе знаат што се случува. Во моментот никој не се пријавил за улогата на Другиот, што и не е чудно, бидејќи еден месец некој ќе го гледа секое негово движење, вклучително и во најинтимните моменти. Помеѓу другото, се бара „Другиот“ да биде хетеросексуален маж во врска кој живее заедно со својата партнерка, коешто дополнително ги усложнува нештата.

dr03

Кога „Другиот“ ќе спие, состојбата на Фарид ќе биде оценувана од страна на психолог. Тој ќе може да има посетители во галеријата, но нема да смеат да воспостават контакт со него на било кој начин, оставајќи го заробен во неговата виртуелна стварност. Поради ризичноста на проектот, постојано ќе има на располагање тим од стручни медицински лица, кои ќе го прекинат проектот ако забележат дека нештата се движат во непосакуван правец.

Експериментот, кој е спој помеѓу перформанс и наука, ќе резултира со документарен филм во кој ќе бидат согледане некои гледни точки за психологијата на идентитетот. Се разбира, сето тоа зависи дали некој ќе се нафати да биде Другиот.

Сподели на Facebook
пати видено