Телото на „Грахам“ има огромни гради и преголема глава без врат, која е споена директно на останатиот дел од телото. „Грахам“ е скулптура на австралиската скулпторка Патриција Пичинини која го создала како „супер-човек“ кој би ја преживеал и најтешката сообраќајна несреќа. Пичинини ја изработила скулптурата според упатствата на трауматолошкиот хирург Кристијан Кенфилд кој зад себе има голем број интервенции над настраданите во тешки сообраќајни несреќи, како и на Дејвид Логан, инженер за безбедност во сообраќајот.
Огромните гради на Грахам се дополнителна заштита за виталните органи при активирањето на воздушното перниче, додека немањето врат во голема мера ја намалува можноста за смртен исход при кршењето на истиот. Тој исто така има и подебела и поцврста кожа, заради неизбежните исеченици при сообраќајните несреќи. Неговите нозе се исклучително силни, а колената му се виткаат во сите правци за да се избегнат скршеници, што му дава уште понеобичен изглед.
Грахам е дел од кампањата за безбедност на патиштаа која наскоро започнува во Австралија, но го привлече вниманието на целиот свет поради необичноста на неговиот изглед, при што по светските медиуми се појави со наслови како: „Вака би изгледал човекот доколку би еволуирал да биде отпорен на сообраќајни несреќи.“