Засрамувачкот момент од кој се плашат сите родители, кога мало дете ќе збесне на јавно место и не сака да се смири. Дали ги игнорирате и едноставно чекате да се изморат – и покрај тоа што ги вознемируваат луѓето во близина? Или ќе ги зграпчите за рака и со брзи чекори ќе ги одведете настрана, извинувајќи се на случајните минувачи?
Токму поради таква случка сопственичката на локал на британското крајбрежје станала предмет на вжештена дебата откако истакнала предупредување кон муштериите кои не успеваат да си ги дисциплинираат разулавените деца. Имено, Ким Кристоф, сопственичка на локал во Сафолк, била обвинета за „бесрамна нечувствителност“, дискриминација, па дури и суровост кога ги предупредила родителите кои биле колебливи во смирувањето на своите деца, вознемирувајќи ги останатите посетители. На службената Фејсбук страница го истакнала следното соопштените:
„Дали можеме да бидеме совршено јасни кон родителите кои премногу се плашат да ги дисциплинираат своите деца кога врескаат? Ќе ви дадеме пет минути да го замолите вашето дете да престане да вреска, а потоа ние сами ќе го замолиме детето. Ако тоа значи дека и вие ќе збеснете поради тоа што ќе мора да поразговараме со вашето дете, и ќе почнете да упатувате закани дека никогаш повеќе нема да стапнете кај нас – тоа е совршено во ред, што се однесува до нас. Ние имаме должност да се грижиме за останатите наши клиенти.“
За само неколку часа илјадници луѓе ја споделиле објавата на Ким, додавајќи свои коментари, при што многумина ја критикувале Кристоф.
„Зошто ти самата не си дадеш пет минути да позборуваш со самата себе за твојата бесрамна бесчувствителност?“. пишува еден од нив.
Една мајка пишува: „Ви благодарам за Вашата љубезна објава полна со разбирање. Ќе се погрижам моето семејство, вклучувајќи ја и нашата аутистична ќерка, никогаш да не го помрачи Вашиот праг.“
Тоа се само два од бројните коментари во кои ја обвинуваат за дискриминација, суровост, бесчувствителност и безобразие. Што мислите вие за постапката на оваа угостителка?