Храбра работничка во трговскиот ланец Босо од Винковци, Хрватска, којашто прва излегла во јавноста со вистината за шефот кој своите вработени ги терал добар дел од и така малата плата да ја трошат во истиот тој негов маркет, добила отказ поради тој нејзин одважен чекор. Иванка Дујмиќ вели дека после отказот е во тотален шок и дека дури морала да посегне по апчиња за смирување.

bs

Сопственикот на трговскиот ланец ги терал вработените секој месец да потрошат 700 куни (околу 5800 денари) кај него, а и за најмали грешки ги казнувал со износи од 200 до 300 куни (од 1600 до 2500 денари). Покрај тоа, вработените морале по секоја цена да ја продадат стоката пред истекот на рокот на траење, но бидејќи таквата роба не смееле да ја враќат во складот, биле приморани да ја откупуваат самите тие.

Г-ѓа Дујмиќ била првата која јавно проговорила за експлоататорскиот однос на нивниот работодавач, раскажувајќи го сето тоа за емисијата „Проверено“ на Нова ТВ. Но, уште пошокантен е одговорот на Босиљко Станиќ, сопственикот на трговскиот ланец „Босо“. Имено, запрашан за коментар, тој ги кажал следните зборови: „Слушајте ме, дали мисли стадото или мисли водачот на стадото?“

Ова веќе траело подолго време, но никој не смеел да се побуни или да проговори, бидејќи тој се заканувал со отказ, што и се обистинило во случајот на г-ѓа Дујмиќ.

Сподели на Facebook
пати видено