Еден ден би можело да се патува од Лондон до Њујорк за помалку од три часа со помош на суперсонично летало. Радикалниот концепт е дело на дизајнерот Оскар Вифиалис. Авионот ќе биде двокатен и работниот назив е „Флеш Фалкон“. Наликува на птица или дури и на вселенско летало, а ќе се движи со помош на нуклерана фузија. Неговиот капацитет ќе изнесува 250 патници, кои ќе уживаат во удобните кабини додека патуваат со брзина три пати поголема од сегашната.
Бизнис класата ќе се наоѓа на горниот кат, а просторната „супер туристичка класа“ на долниот кат на патниците ќе им овозможува повеќе личен простор од современите конвенционални летала, вели дизајнерот. Со оглед на тоа што ќе се движи на погон на нуклеарна енергија место на фосилни горива, се смета за еколошки добро решение. Моторот ќе биде изработен од отпорни и лесни материјали и ќе биде сместен на задниот дел од леталото во „неуништлив оддел“ со цел да се заштитат патниците.
Крилјата на „Флеш Фалкон“ ќе можат да го менуваат аголот со што би се унапредила аеродинамиката, додека пилотската кабина ќе биде опремена со паметни и холографски прозорци кои ќе прикажуваат податоци за летот на пилотите. Носот на леталото ќе биде остар во вид на игла со цел да се елиминира бучавата и да се подобри аеродинамиката.
Вифиалис вели: „Верувам дека во многу блиска иднина ќе се вратат суперсоничните летови, но со најнапредната технологија на 21. век. Овој авион ќе припаѓа на една хипотетична генерација која ќе биде опремена со технологија заснована на нуклеарна енергија – зелената енергија на иднината – која денес е само во развој, но во следните 15 години ќе стане изводлива реалност, способна да произведе огромни количества електрична енергија без да мора да се употребуваат загадувачки материјали.“
Изминаа тринаесет години откако Конкорд – првото патничко летало кое леташе побрзо од звукот – беше повлечено од употреба поради големите трошоци и опаѓањето на бројот на патници.