Некои од водечките женски училишта (изгледа сѐ уште имаат машки и женски училишта) во Британија сугерираат нивните ученички да не бидат нарекувани „девојчиња“ во обид да станат што е можно повеќе полово неутрални.
Асоцијацијата на женски училишта вели дека наместо тоа, наставниците децата би требало да ги нарекуваат само „ученици“ (англиските именки „pupils и „students“ немаат род). Каролин Џордан, претседател на Асоцијацијата вели дека во некои околности персоналот треба да употребува полово неутрален јазик, „особено во присуство на ученици трансексуалци“. Но, таа додава дека им остава слобода на училиштата сами да донесат одлука кога и дали ќе ги применуваат овие методи. Некои училишта, како Лондонското женско училиште, веќе почнале да го применуваат ова.
Ние на Балканот сме (сѐ уште) изолирани од овие нови гледишта, но тие се сѐ повеќе присутни во западниот свет, во кој одеднаш полот почна да се проблематизира и да се смета како нешто релативно, како општествен конструкт, а не биолошка даденост. Така, една од последните моди е момчињата да бидат поттикнувани да носат фустани за да видат дали повеќе им се допаѓа да бидат девојчиња или момчиња и подоцна слободно да си го изберат својот пол.