Германија веќе нема да дозволува мигрантите да се женат со повеќе жени ниту ќе има толеранција за договорните бракови со деца-невести, вели германскиот министер за правда Хеико Маас, велејќи дека „никој нема право да ги става културните вредности и религиозните верувања над нашите закони.“
Во Германија расте загриженоста поради полигамните бракови покрај и така зголемениот број на мигранти во Германија, повеќето од коишто се од муслиманските земји. Иако многуженството е забрането во Германија, како и во сите земји со христијанска традиција, многу претставници на власта им прогледуваат низ прсти на мигрантите кои пристигнуваат во нивната земја, дозволувајќи им да имаат повеќе од една жена, а ова важи и за присилните бракови и браковите со малолетници.
„Мораме да бидеме многу внимателни“, вели Маас. „Присилните бракови нема да ги толерираме, а особено не браковите со малолетници. Секој мора да им се покорува на правилата и законите, без разлика дали пораснале овде или не. Законот важи подеднакво за сите.“
Според последните статистики спроведени од Универзитетот на Лајпциг, повеќе од 34 отсто од германските граѓани сметаат дека Германија е опасно пренаселена со туѓинци. Над 12 отсто од Германците сметаат дека тие по природа се „супериорни“ во однос на другите народи – централен дел од идеологијата на Адолф Хитлер и нацистите, а речиси половина од 2240 испитаници во друга студија изјавиле дека се чувствуваат „како странци во својата сопствена земја.“