„Денес поминав покрај оваа баба, ѝ се насмевнав, а таа ме праша со надеж во гласот дали ќе купам нешто. Се разбира, купив килограм домати и кромид, и дадов 100 денари и не побарав кусур. Жената се расплака, ми рече дека зема многу мала пензија и целата ја дава за лекови, имала проблеми со зглобовите и срцето. Во солзи ме праша: „Што попрво, синко? Струјата, водата или нешто за јадење… Не сум јадела мрсно многу време, само посно. Има луѓе кои купуваат многу скапа храна. Јас не купувам ништо, само сол.
Ја прашав дали ќе доаѓа тука во наредните неколку дена, бидејќи живеам во странство и си заминувам, а сакам да си пазарувам од неа. Нејзиниот одговор беше:
– Не знам, од општина ме бркаат. Сега се преместив до контејнерите, но и од тука ќе ми направат проблем кога ќе ме видат. Се надевам да заработам некој денар, додека не ме избркаат повторно. седи си во странство, бабе, тука е мизерија. Нема што да правиш тука.“
Следната реченица ме допре пожесток начин:
„Не ми останува многу, ќе помине и овој живот, никој не е вечен, ништо не е вечно.“
Никој не треба да се чувствува на овој начин! Особено интелигентна жена, која по се изгледа дека преживеала многу. Треба да се гордееме со возрасните, да ги почитуваме, да ги поддржуваме. Помагајте, кога имате можност. Многу емоции, тешкотии и искуства се кријат зад очите на луѓето кои ги одминуваме. Прво сме луѓе, а потоа сè друго!
Автор: Љупчо Атанасовски