Ана Иванова е поранешна „Мис Бугарија“ и живее во Монако. Долги години е член на партијата на францускиот претседател Оланд. По дванаесет години надвор од Бугарија, таа решава да се врати во својата земја. Но, набргу потоа се покајува за својата одлука, и ова отворено писмо упатено до бугарските медиуми по само шест месеци престој во својата родина ја открива причината за тоа. Писмо кое ги одразува причините поради кои младите масовно ја напуштаат земјата. А можеби и ние не сме многу далеку од тоа!

ai

„По дванаесет години емиграција, далеку од семејството и моите рожби, решив да се вратам во својата родина и да се реализирам таму ако можам да го пренесам натрупаното искуство. Но, за само шест месеци престој во Бугарија си го поставив прашањето – јас со авион ли долетав или со временска машина?

Се вратив со помислата дека веќе не сме 1994 и дека веќе нема комунизам…

Но, повторно е „НО“…

Состојбата е многу полоша од 1994-та, тогаш барем се знаеше кој е кој. Полошо од „прехода“ (транзицијата з.н.), кој божем беше за добро. Сѐ уште има „мутри“ (мафијаши) по ноќните клубови, но „мутри“ кои се самопрогласиле за „биснизмени“. Со ланец кој како да го ископал од Тракиската ризница, со обезбедување од пет луѓе кои држат под око дали келнерот го донел правилното количество салфетки.

Разбрав дека ако не си нечиј човек, нема како да си ги постигнеш целите. Или ако си немаш свој човек и не си жена која што-годе добро изгледа, треба да си легнеш со некој чичко и веќе си назначена за еден месец пробен период! Никој не го интересира колку странски јазици знаеш или со какво образование си. Разбрав дека кражбите не се намалени, туку точно обратно од тоа. Се претвориле во спорт и се рушат рекорди. Во државата се краде од најниско до највисоко ниво. Разбрав дека ако не наликуваш на кукла барбика не можеш да се котираш никаде. И во крајна сметка – сите личат едни на други, бидејќи изгледа дека пластичниот хирург е еден.

Разбрав дека сме државата со најмногу мисици по број на жители! Разбрав дека на 11-годишната ќерка не можам да ѝ одговорам на прашањето: – „мами, а зошто на тебе не ти подаруваат стан и кола, а одиш на работа и сме разделени за да ги имаме тие нешта?“….прашање побудено од многуте риалити емисии на националните телевизии.

Разбрав дека сите тие риалити шоуа ги перат мозоците на новите поколенија…Нема да цитирам емисии – но од тие риалитија се раѓаат девојки за двократна употреба! Разбрав дека нема смисла да инвестираш пет години во своето образование, просто одиш и си купуваш диплома.

Разбрав дека ако не си ВИП, значи не си интересен.

Разбрав дека во Бугарија има најмногу педофили на слобода, со оглед на тоа што се дозволува да раѓа 13-годишно дете!…Но да~ И тука одговорот е јасен – Мешерето (мешере – ромски суд, сличен на совет на старешини н.з.) е посилно од казнениот кодекс на Бугарија, бидејќи МЕШЕРЕТО е пресудно за парламентарните, претседателските и локалните избори!

Разбрав дека кога ќе ги пуштам вестите во 19:00 ќе дознаам барем за два смртни случаи, предизвикани од брзи коли!

Разбрав дека менталитетот и мислењето на моите сонародници не се променети – дај Боже да не навредам некого, но ако има навреден значи јасно е дека не се променил!

И повторно разбрав дека јас нема да можам да преживеам и да се реализирам во оваа држава!

Разбрав дека билетот повторно ќе ми биде во еден правец, билет за враќање во нормалниот свет. Свет во кој нема перчење и сѐ што постигнуваш го постигнуваш со знаење и многу труд, бидејќи таму кадешто бев 12 години луѓето се во 23. век – и сите се еднакви!

Разбрав и дека ќе има многу засегнати откако ќе го прочитаат ова..

Но, зошто би биле засегнати? Бидејќи некој ќе се препознае во напишаното од мене. Се радувам што сѐ разбрав на време.

Бог нека ја чува Бугарија и нашите родители и семејства!“

Сподели на Facebook
пати видено